Бојкот на маркетите поради високите цени
Полупразни маркети, без редици на касите-на последниот ден од јануари, граѓаните одлучија да го бојкотираат пазарувањето, револтирани од високите цени. Наместо зеленчук од супермаркет, купуваа од пазар, леб земаа од пекара, а некои целосно се откажаа од денешното пазарење. Сепак, имаше и такви што останаа верни на маркетите и решија да си пазаруваат како и секој ден. Дел од граѓаните сметаат дека бојкотот ќе биде лекција за трговците, но други велат – рибата мириса од главата, а без казни поскапувањата ќе продолжат.
Ќе има драконски казни- со остра порака, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска им се закани на трговците, барајќи строго почитување на законите. Најави дека веќе се одобрени нови вработувања во Инспекторатите и Комисијата за заштита на конкуренцијата за почести и поефикасни контроли.
Премиерот Мицкоски вели дека поединечни трговци прават злоупотреби и дека преку дијалог мора да се најде решение.
Опозицијата пак сметаат дека Владата е одговорна за високите цени.
Дали бојкотот бил успешен или не, утре ќе покажат податоците од УЈП според бројот на издадени фискални сметки. Денешниот ден веќе доби обележје црн петок за трговијата, а освен во Македонија ланците на маркети се бојкотираат и во сите земји од поранешна Југославија.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар