Македонија
5. February 2025 - 16:34

Од денеска повторно во функција железничката линија Куманово-Скопје, ќе се патува за 41 минута

Со воз ќе се патува за 41 минута од Скопје до Куманово и обратно. По две ипол години повторно се враќа линијата во железничкиот сообраќај. Возот ќе сообраќа два пати дневно, од Куманово ќе тргнува во 6 и 30 наутро.  

Николовски најави дека во следните недели би требало да има добри вести за коридорот 8 бидејќи во тек биле интезивни разговори со Софија. Во прашање се три сегменти за кои треба да постигнат согласност, прва и најважна да има добра волја од бугарска страна за изградба на пругата. 

 - Идејата е да постигнеме договор со кој Скопје и Софија ќе се поврзат, а не да не се поврзат како што е сега, за жал. Договорот треба да содржи три сегменти, првиот е изградба на заеднички тунел што треба да ги поврзува двете држави. За жал, во претходниот проект тунелот завршуваше буквално на пола, на слепа улица или слепа пруга, вториот дел е јасна обврска да преземе Софија да го изгради делот од границата со Македонија до Ѓуешево, како и да го реконструира делот од Ѓуешево до Софија за да има модерна пруга и од нивната страна и третата обврска е наша, да направиме ревизија на проектот што веќе правиме зашто е невозможно толку скапо да чини тој проект, за толку малку километри толку многу пари да се потрошат.

Железничкиот сообраќај се враќа во функција со 14 возови. Обезбедени се по пет локомотиви за патнички и товарен сообраќај а во функција се ставени уште 4. Министерот најави и воведување на нови линии наскоро до Тетово, Гостивар, Кичево, Штип и Кочани.