Бизнис
17. December 2021 - 16:41

Од 1-ви јануари само фирмите со зелена економија и почитување на работничките права ќе можат да соработуваат со германски компании

Македонските компании кои извезуваат во Германија, но се и нивни добавувачи овде, да се подготвуват кон новиот Закон за добавувачи, за да не останат без работа. Од 1 јануари во Германија стапува на сила Законот, кој предвидува исполнување на строги правила и стандарди, пред се, за заштита на животната средина и  целосно почитување на работничките и човекови права. Фирмите кои нема да ги следат правилата, ќе ги изгубат нарачките.

-Германската компанија која е крајниот купувач едноставно ја носи одговорноста пред Судот и пред Законот во однос на исполнувањето на стандардите од сите компании кои биле нејзини добавувачи, дека секој добавувач се придружува до новиот Закон за синџир на добавувачи, и секогаш ќе гледа да работат со компании кои ќе ги исполнуваат тие закони и им даваат таква сигурност, изјави Патрик Мартенс, директор на Делегација на геранското стопанство во земјава.

Инаку, германските компании кои работат во земјава, генерално се задоволни од условите за водење бизнис. Не размислуваат за селење на капиталот, туку напротив, за проширување на инвестициите овде. Единствено што недостасува е квалификувана работа сила, која е пречка за поголеми вложувања. Решение гледаат во дуалното образование, каде младите уште во средно училиште се обучуваат за работа во некоја странска компанија.