Македонија
6. November 2024 - 16:53

Обвинителството уште го чека обдукцискиот наод за 14 месечното бебе кое почина на Детска

Судот на честа при Лекарската Комора ќе утврдува дали е прекршен етичкиот кодекс за случајот со 14 месечното бебе кое пред еден месец почина на Клиниката за детски болести. Ќе се раководат согласно извештајот од извршениот стручен надзор на Комисијата. Доколку утврдат елементи на повреда на Кодексот ќе следуваат понатамошни постапки. 

-По добиените насоки за постапување од Министерство за здравство и направените консултации во рамките на Комората, одлучено е да се свикаат органите што се дел од Судот на честа, кои ќе треба да утврдат дали во Извештајот од извршениот надзор над стручната работа на ЈЗУ Универзитетската клиника за детски болести Скопје и ЈЗУ Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата Козле Скопје, за лекувањето и третманот на починатото дете Р.С., има елементи на повреда на Кодексот на медицинска деонтологија, ни одговорија од ЛКМ.

А и по еден месец од трагичниот настан, обдукцискиот наод не стигнал во Обвинителството. 

- До овој момент не е доставен до обвинителството ниту наодот од извршената обдукција, ниту извештајот од контрола на МЗ, велат од обвинителството.

За овој случај засега само двајца специјалисти од Детска се суспендирани од работа и за нив во тек е дисциплинска постапка, согласно наодите на стручниот надзор за системски и стручни пропусти. 

Засега не се знае дали ќе има Комисија и за смртта на бебето од Струмица кое минатата недела почина од сепса на Детска. Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат ни одговорија дека согласно нивнитер надлежности не биле констатирани недостатоци при извршениот вонреден надзор. Инспекторите направија контрола на документацијата на Детска, во струмичката болница и кај матичниот гинеколог на мајката.