Македонија
27. December 2016 - 8:43

Новогодишен настан за децата сместени во згрижувачки семејства

Во организација на Црвениот крст на Град Скопје денеска ќе се одржи новогодишен настан на кој на децата сместени во згрижувачки семејства ќе им бидат врачени подароците што тие ги посакаа како новогодишна желба.  

- Водени од идејата дека секој човек, а посебно дете треба да се чувствува убаво и среќно за време на новогодишните празници, Црвен крст на град Скопје во соработка со Ramstore Mall, ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа поддржани од а.д. Комерцијална банка и оваа година организираа новогодишен настан за децата сместени во згрижувачки семејства, соопштуваат организаторите.

На 5 декември децата ги запишаа своите новогодишни желби и заедно со волонтерите на Црвениот крст на град Скопје ги закачија на големата елка поставена во Ramstore Mall, а сите хумани граѓани кои ја посетија Волшебната елка, избраа лампион и остварија желба, со што придонесоа за среќата на некое од нив.

Доделувањето на подароците ќе биде во Ramstore Mall, а најавено е присуство на претставници на Црвениот крст, волонтери, донатори, поддржувачи на активноста и граѓани кои помогнаа желбите да станат реалност.