Македонија
10. October 2018 - 8:38

Ново рочиште за случајот „Насилство во Центар“

 Во Кривичниот суд за денеска е закажано ново рочиште за случајот „Насилство во Центар“ во кој обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, екс советничката на ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова и уште деветмина други лица.

На претходните рочишта за предметот беа сослушани тројца поранешни советници во општина Центар, од редовите на СДСМ. Тие сведочеа дека на 10 јуни 2013 година имало организирано напад во општината од изманипулирана и организирана толпа на граѓани кои извикувале пцости и недолични зборови.

Сведоците истакнаа дека меѓу точките од дневниот ред на петтата седница на Советот на Општина Центар немало точка за рушење на црквата „Св. Константин и Елена“.  

На претходните рочишта за овој предмет, вина признаа четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петообвинетиот Јордан Ристевски и добија условни казни. За седмообвинетиот Димче Крстев, пак, се води одвоена постапка.

Обвинетите се товарат за поттикнување на насилството што се случи при протестите пред општина Центар во јуни 2013 година.