Бизнис
25. August 2019 - 16:44

Нови промени во ,,Мој ДДВ‘‘, граѓаните поделени во очекувањата

Преку новата веб апликација МојДДВ, граѓаните ќе имаат увид во состојбата и ќе може во секој момент да го проверат износот што треба да им се врати од скенираните фискални сметки.

Новата веб апликација деновиве ќе биде достапна преку интернет страната на Управата за јавни приходи, а начинот на користење е ист како и кај мобилната верзија.

Веб апликацијата ќе им нуди на граѓаните неколку нови можности. Освен детален увид, секој корисник ќе може и да избрише сметка доколку ја скенирал по грешка. Од УЈП потенцираат дека оваа опција е особено важна бидејќи може да се случи по грешка корисникот да скенирал фискална сметка, за која што веќе е издадена сметкопотврда која гласи на фирма. Тоа не е дозволено и за да не се случи да се изрекуваат казни, веб апликацијата нуди техничка можност да се брише грешно скенираната сметка.

Од Управата се задоволни од досегашните резултати од мерката за поврат на 15% од платениот ДДВ, која што функционира речиси два месеци. Но, граѓаните се со поделени мислења. Дел од нив скенираат фискални сметки и очекуваат бенефит, но некои сè уште се скептични во врска со повратот на дел од платениот данок.

Мерката стартуваше на 1 јули годинава, а првата исплата ќе се реализира во декември. Право на поврат на ДДВ има секое физичко лице со наполнети 15 години, важечка лична карта и трансакциска сметка. Лимитот за поврат на ДДВ на годишно ниво е 7.200 денари за едно лице.