Свет
26. March 2024 - 8:11

Нов протест на земјоделците во Брисел

Неколку земјоделски организации за денеска закажаа нов протест на земјоделците во Брисел, трет од почетокот на годината.

Повод за протестот е денешното заседание на Советот за земјоделство и рибарство на ЕУ.

 Како организатори на протестот се јавуваат меѓународната организација Виа Кампесина (Селски начин) со седиште во францускиот град Бањоле и белгиската валонски здруженија Федерацијата на млади фармери (ФЈА), Валонската земјоделска федерација (ФВА) и Обединета федерација на групите на полјоделци и фармери (ФУГЕА).

Според најавите, протестот ќе започне во 10.

30 часот со „симболична акција“ на улицата „Лоа“ која води од центарот на Брисел кон плоштадот „Шуман“ каде што се наоѓаат зградите повеќе институции на Унијата, меѓу кои и на Европската комисија и Советот на ЕУ.

  – Овој вторник дојдете да го слушнете гласот на земјоделците пред Европскиот совет, наведе ФЈА во повикот за протестите.

ФЈА признава дека е постигнат одреден напредок од стартот на земјоделските протести, но нагласува дека „тоа не е доволно“.

– Очекуваме Европа да продолжи да се движи во корист на земјоделците, додава Федерацијата.

 Главните барања на земјоделците се насочени кон „правично наградување“, како и раскинување на договорите за слободна трговија на ЕУ со трети земји.

 И во рамките на овој протест, како и на претходните два одржани на 1 и на 26 февруари, се очекува земјоделците со неколку стотици трактори да блокираат повеќе улици во Брисел, кои водат кон т. н.

„европски кварт“ на градот, каде се стационирани институциите на ЕУ.

 Портпаролката на полициската зона „Брисел-Иксел“, Илсе Ван де Кер во изјава за „Брисел Тајмс“ потврди дека полицијата е информирана за протестот и е „целосно подготовка за акција“ со цел да не се повторат инцидентите од протестот на 26 февруари кога земјоделците запалија бали од слама и тракторски гуми во близина на плоштадот „Шуман“ и ги гаѓа полицајците со измет, петарди, портокали и шишиња, на што полициските сили одговорија со употреба на солзавец.

 Инаку, на заседанието на Советот за земјоделство и рибарство ќе стане збор за структурните одговори на ЕУ на актуелната состојба во земјоделскиот сектор и на пазарот на земјоделски производи во контекст на руската инвазија на Украина.

 Според најавата, министрите за земјоделство на земјите членки на ЕУ ќе разменат мислења по информацијата од Европската комисија за предлозите и иницијативите преземени по претходното заседание на Советот за земјоделство и рибарство одржано на 26 минатиот месец.

 Во делот на дискусијата за влијанието на руската агресија врз Украина на земјоделските пазари на ЕУ, пред неговите европски колеги ќе се обрати и украинскиот министер за аграрна политика и храна Микола Солски.

 Дополнително, белгиското претседателство со ЕУ ќе поднесе извештаи од дебатите посветени на иднината на земјоделството и Заедничката земјоделска политика, како и од симпозиумот насловен „Повик за грижа за благосостојбата на животните“.

 Австрија ќе го информира Советот за резултатите од дебатата за предизвиците за европските земјоделски и шумарски бизниси од регулативата за уништување на шумите.

Летонија за исходот од состанокот на министрите одговорни за земјоделство на земјите од нордиско-балтичкиот регион.

 На барање на Франција ќе се разговара за претстојниот избор на нов генерален директор на Светската организација за здравје на животните, а на иницијатива на Шпанија за развојот на новите геномски техники.