Македонија
12. December 2024 - 15:57

Директорот на БЈБ Александар Јанев учесник на второто Генерално собрание на Асоцијацијата на шефови на полиции за земјите од ЈИЕ - СЕПКА

Директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР Александар Јанев денеска (12.12.) во Белград присуствуваше на второто Генерално собрание на Асоцијацијата на шефовите на полициите на земјите од ЈИЕ – СЕПКА, во рамки со српското претседавање со оваа асоцијација, што инаку се одржува со поддршка од стратешките партнери и организации како ИНТЕРПОЛ, ОБСЕ, Амбасадата на САД во Белград и регионалниот проект EU4FAST.

Директорот Јанев, во своето обраќање на настанот посебно ја апострофираше улогата на македонската полиција во развојот на значајни проблематики идентификувани во рамки на СЕПКА. Притоа тој се осврна пред се околу сузбивањето на трговијата со луѓе и криумчарењето мигранти, потоа за проценките на безбедносни закани за регионот на СЕПКА 2024, како и околу неопходноста од регионална синергија во борбата против сите облици на криминал вклучувајќи го и сајбер криминалот.

Според Јанев само со заедничка, отворена и интензивна соработка, со намалување на бирократските процедури, може да се пресретнат сите евентуални предизвици што ги продуцираат различните типови на организиран и транснационален криминал.  при што практично ќе демонстрираме силна заедничка посветеност за целосно анулирање на овие облици сериозен криминал.

Во рамки на посветеноста на македонската полиција за воспоставување цврсти партнерства во регионот и пошироко, пред се во интерес на градењето на побезбеден регион, односно побезбеден живот на сите граѓани и побезбедна иднина на генерациите коишто доаѓаат, првиот човек на Бирото за јавна безбедност Јанев на маргините од настанот имаше неколку билатерални средби, како со своите колеги од Р. Бугарија и Р. Албанија, така и со  Претседателот на ИНТЕРПОЛ, г.Ахмет Насер Ал Раиси и потпреседателот на Интерпол за Африка, г. Мухамед Дкиси, а со цел продолжување на веќе започнатата витална дискусија за зголемување на капацитетите на македонската полиција, со имплементација и употреба на современи дигитални алатки за брза и прецизна детекција на безбедносни ризици за јавната безбедност.

Инаку Генералното собрание на СЕПКА го поздрави министерот за внатрешни работи на Р Србија Ивица Дачиќ, а по завршувањето на настанот формално претседавањето со СЕПКА го презема полицијата на Р.Албанија.