Македонија
16. November 2024 - 16:28

По втор пат во една година вандализирани православните гробишта во Гостиражни

Во рок од само една година по трет пат се уништува и крши црквата и православните гробишта во долненското село Гостиражни. Деновиве комплетно се искршени и уништени надгробните споменици на 13 од 16 гробови. Жителите велат дека ова никогаш досега не се случуваnо. Инаку Гостиражни е село со мешано население од македонска и албанска етничка заедница.

„Ужас е ова што се прави во селото Гостиражни. Не сум видел никого, не знам кој може да биде. Кој се што се луѓево што го прават ова незнам. Зошто некој би кршел црква и гробови, да вознемирува починати души не знам. Искрено сега мене ми е страв. Кога тие почнале на  умрените, ќе почнат и на живите. Сега со страв идам тука кај камбаната да ја удрам во недела или за празник“, изјави Владо Спасески, клисар во црквата жител на село Гостиражни.

Иако и трите случаи на сквернавење на црквата и гробиштата се пријавени во полиција, направен е увид, но сторителите не се пронајдени.

„Со сите живееме, во селото немало проблеми, кавги немало, како дојде до ова не знаеме. Сум разговарал со луѓе и тие велат кој може да прави вакви работи, ова е грев“, додаде Крсте Крстески, жител на село Гостиражни.

Според Митрополитот Петар пак, во чија Епархија се наоѓа Долени ова биле обиди за заплашување на и онака малкуте Македонци преостанати тука не само во Гостиражни туку и во другите села.

„Притисоци на разни начини со цел и намера за етничко чистење на Македонците од тие села. И ова ќе продолжи. Врз нашата црква таму се врши силен притисок, во селото Пешталево беше договорено да се изгради и црква и џамија во центарот на селото, а сега има 2 џамии, а ниту една црква, иако е мнозинското население е православно македонско. Тогаш кога требаше да го осветиме камен темелникот имаше страшни притисоци и закани со огнено оружје“, изјави Владика Петар, Митрополит Преспанско – Пелагониски.

И жителите на Гостиражни и претставниците на МПЦ бараат поголема ажурност од институциите и разрежување на овие случаи.