Македонија
27. September 2024 - 16:33

Инспекторите на терен – дали 140 ученици од “Ѓорѓија Пулевски” се затруени со храна?

Има ли масовно труење на ученици од Ѓорѓија Пулевски во Аеродром? Инспекторите денеска на терен – проверуваат дали 140 деца од 1 до трето одделение кои користат топол оброк се затруле во кујната. Половина училиште е празно а родители кај одделенските наставници пријавиле дека децата имаат дијареа, повраќање, стомачни болки а некои и температура. На преглед ги носеле кај матичните, а засега нема ниту еден преглед или хоспитализација на Инфективна и Детска, велат од клиниките. Директорот на училиштето ги известил сите надлежни инситуции.

Во раните утрински часови одреден број од наставниците пријавија зголемен број отсутни ученици со исти симптоми. Како училиште веднаш ја затворивме кујната, го спречивме топлиот оброк, дел од учениците од целодневна настава беа испратени дома бидејќи не може да останат долго време без топол оброк, изјави Александар Филипчев, директор на ОУ “Ѓорѓија Пулевски”.

Во училиштето имаше вонреден инспекциски надзор а тим од Институтот за јавно здравје зеле брисеви од храната и работни простории кои ќе покажат дали и што е причината за труењето.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат утрово бил телефонски известен од скопскиот центар за јавно здравје.

-Откако од страна на одделението за епидемиологија, по добиените пријави ќе се направи анкета, очекуваме како Инспеторат да бидеме известени од нивна страна дека се работи за епидемиско труење со храна и ќе се постапи согласно Националниот протокол, стои во соопштението на ДСЗИ.

Според неофицијални информации од родители, децата кои јаделе и десерт по топлиот оброк имаат симптоми на труење. Од училиштето велат досега немале ваков случај, но не кажаа јавно која е фирмата што ги снабдува со храна.