Трипуновски: Фирма од Струмица го оштетила државниот буџет за два милиони евра додека Николовски бил министер
Правни лица противзаконски се богателе со државни пари додека Љупчо Николовски седел во министерската фотелја, обвинува првиот човек на земјоделие. Цветан Трипуновски тврди дека фирми добивале субвенции од државата за земјоделски земјишта, кои не ги обработувале.
Струмичка фирма „Ар експорт ДООЕЛ Увоз Извоз“ од државата добила субвенции околу 30 милиони денари. Со земјоделие, потпишале 19 договори, а инспекторите нотирале дека повеќе од половина требало да бидат раскинати. Било утврдено и дека закупецот инвестирал значително пониска сума, отколку што навел во бизнис планот кој го понудил до ресорното министерство.
„Закупецот требало преку бизнис план кој го понудил до министерството да инвестира над 2 милиони и 450 инвестиција на предметното земјиште, а во моментот на контрола имало инвестиција од околу 300.000 евра а инспекторите констатирале дека закупецот немал платено и закупнина за неколку години, со што дополнително го оштетил буџетот во износ од 60.000 евра“.
Во овие години додека закупецот добивал субвенции за државното земјиште, а за кое Инспекторатот утврдил дека не го обработувал, Трипуновски тврди дека никој не го казнил или опоменил за противзаконското работење. Како втор случај, актуелниот министер го посочи правното лице „ДЗС Илинден“. Фирма која во 2000-та потпишала закуп за државно земјиште во времетраење од 30 години. Оти не плаќала закупнина неколку години по ред, преку судски спор во 2019-та било донесено решение за еднострано поништување на овој договор. Но и по раскинување на договорот според Трипуновски, на закупецот му биле исплаќани субвенции во износ од над 19 милиони денари.
„Ова се само два случаи поткрепени со цврсти докази кои потврдуваат дека системот и институциите се целосно разурнати но покажува и недомаќинско и криминално работење од страна на претходното раководство на СДСМ и Николовски.
Николовски обвинувањата упатени кон него ги класифицираше како празни, а прес-конференцијата на Трипуновски - театар.
„Во МЗШВ има повеќе од 11.000 договори за закуп на земјиште, и никој министер не може да знае што се случува со секој поединечен договор, па затоа постојат организациони единици задолжени за управување со тие договори. Доколку се утврди дека одреден субјект неправилно се стекнал со субвенции ги повикувам институциите да започнат постапка за поврат на исплатените средства и да покренат постапка пред надлежните органи како и доколку МЗШВ има утврдено недоследности во почитување на договорни обврски за земјиште, тоа е основ за раскинување на истите и очекувам завршница во тој правец“.
Трипуновски најави дека следува обелоденување на 3 нови, како што ги нарече, криминални афери, чие прибирање на докази е во крајна фаза.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар