Бизнис
12. August 2024 - 16:35

Во јули собрани 7,6 милиони евра од наплата на патарини

Рекордна наплата од патарини во јули. Собрани се 7,6 милиони евра или 260 илјади евра повеќе во однос на истиот месец лани. Од Јавното претпријатие за државни патиошта велат дека од почетокот на годината до јули вкупно  во буџетот  по овој основ се слеани 28,9 милиони евра. Месечно се инкасирале  во просек од  4 до 5 милиони евра. Но јули, со вакви бројки отскокнува.  Од бројките задоволен е премиерот Мицкоски, кој на ФБ напиша дека овие пари постоеле и минатата година, но не завршиле во касата на државата.  Разликата е во тоа што се работи домаќински и одговорно. Сега од тие пари градиме  градинки,  училишата, патишта. Инвестираме во болници, нови работни места, напиша Мицкоски на ФБ.

Инаку вообичеано е со стратот на летната сезона да расте и наплатата од патарини.  Од Скопје до Гевгелија има 6 наплатни станици, за кои граѓаните плаќаат 440 денари. Сумата е повисока ако се плаќа во евра.  Од влезот на  граничниот премин со Србија до излезот кон Грција , односно од Романовце до Гевгелија сумата изнесува 460 денари или странците ќе ги чини 9 евра.

 Инаку податоците на Јавното претпријатие за државни патишта покажуваат дека минатата година од наплата на патарини собрани се 62 милиони евра, во 2022  - 53,2 милиони.  Во 2021 -   46 , 4 милиони евра,  додека во  2020 -  34 милиони евра. За  оваа година прокетираниот приход од наплата на патарини изнесува 71,5 милиони евра.  Во тек е и воведување единствен систем за електронска наплата меќу Србија, Македонија и Албанија, каде со еден таг, без задржување ќе може да се поминува на наплатаните станици.  Претходната власт најавуваше дека до членството во Унијата патарините ќе бидат целосно дигитализирани.