Македонија
19. јуни 2024 - 16:37

Безредие и пропусти на ФЗО, покажа извештајот на државната ревизија

Фондот за здравство треба да плати 430.000 евра за 12 тужби кои ги добил од германска болница. Државната ревизија утврди дека поради несоодветно водење во сметководствената евиденција ФЗО изгубило повеќе од половина милион евра.

ФЗО исплаќа аванс за лекување, но сумата речиси секогаш е или повисока или пониска. Во случаите кога сумата била повисока од авансот, Фондот не ја исплаќал разликата, и затоа се соочува во тужби. А во случаите кога авансот бил повисок, парите не си барал назад. Германска болница на ФЗО сега и должи 116.000 евра, пари кои никогаш не биле побарани. Според Заводот за ревизија, Фондот нецелосно ги евидентира побарувањата за дадените аванси, а нема ниту склучен договор со странски болници, поради што нема никаква правна заштита. 

Дополнително, само 2022 година, ФЗО на 24 Јавно здравствени установи им исплатил речиси 28 милиони евра. 86% од овие пари биле предвидени за набавка на лекови. Меѓутоа, Фондот, ниту вршел контрола за што биле трошени парите, ниту располага со податоци за остварени здравствени услуги. Парите кои ФЗО им ги исплаќа на Здравствените установи бележат континуиран раст од година во година и за само шест години се зголемиле за 30 пати.

ФЗО добивал движен и недвижен имот од стечајни постапки на компании кои не плаќале за здравствено осигурување. Вкупната вредност на овој имот е 7,8 милиони евра. Но ФЗО ниту направила проценка и евидентирање на имотот, ниту го впишал во Катастарот на недвижности. Дополнително, Фондот поседува објекти во вредност од 860.000 евра, но овие објекти ги користат други физички и правни лица. Ревизија препорачува имотот да се впише во Катастар уште веднаш и да се иницира продажба на имотот да за може неговата вредност да се впаричи.

ИТ секторот на ФЗО е приказна за себе. Иако според систематизацијата во ИТ секторот треба да има 36 вработени, пополнети се само 3 работни места, а ангажирани се 3 лица на договор на дело.  Системот за безбедност и процедурите според кои се водат вработените се стари 10 години. Пред 2 години бил купен напреден систем за заштита, но функционалностите не се користат. Иако било предвидено двајца вработени во Фондот да одат на предвидена обука, тие не го сториле тоа. Затоа ФЗО лани беше цел на хакерски напад, после кој приватна ИТ компанија мораше да му помага на Фондот за да ги врати податоците.

Во 2021 годината ФЗО почна и активности за воспоставување на систем за еРепецт. Системот требаше да овозможи целосна контрола на издавањето на рецепти и лекови, но и на фактурирањето. Системот, три години подоцна, сè уште не е имплементиран.