Македонија
23. March 2024 - 16:36

Странски работници ќе ги пополнуваат местата

Во Прилеп пристигнаа првите 9 работници од Непал во една компанија од текстилната индустрија, а уште една компанија била во преговори за 10-тина вработени, кои што се очекува да пристигнат за околу 1 месец. Според бизнис секторот имало повеќе причини за ова, прво тоа што нема работна сила поради иселувањето, а и таа што ја имало била со ниска продуктивност.

„Во овој момент тие немаат доволно квалификувана работна сила на домашниот пазар на трудот. Дуалното образование не ги даде посакуваните резултати во овој момент и, исто така, образовните процеси што ги имаме во државава не се адаптирани според нивните барања според постојното стопанство. Втората причина е дека и воопшто нема ниту неквалификувана работна сила. Трета причина е слабата продуктивност на нашите вработени“, изјави Никола Мариноски, претседател на региоалната стопанска комора од Прилеп.

Потребните документи за да еден работник се донеси од странство чинел од 1.000 до 1.500 евра во завиност од државата, а тука платата им се движела од 450 евра па нагоре со платено сместување.

„Во оној момент  кога образовниот прозес, или самата држава, понуди поквалификувана работна сила или поподготвена за да одговори на предизвиците на актуелното стопанство, тогаш нема стопанство кое не би сакало да работи со своите сограѓани, макар и да чинат поскапо“, рече Мариноски.

И експертите го потврдуваат недостигот на соодветни квалификации кај нашите работници, а за да се смени тоа биле потребни реформи на образововниот систем.

„Пред сѐ, неопходна е реформа на образовниот систем, во смисла на воведување нови профили во средното стручно образование, осовременување на постојните профили, воведување нови студентски програми во високото образование. Понатаму, активните мерки на пазарот на трудот се мошне важни, пред сѐ, обуките кои се однесуваат на побарувани занимања“, истакна Димитар Николоски, универзитетски професор, експерт за пазар на трудот.

Ниската продуктивност пак бил последица на долгогодишниот нестратешки пристап во адаптирање на самиот образовен систем кон потребите на пазарот на труд.

„Така што, од една страна имаме профили кои не одговараат на идните предизвици кои со себе ги носат, да речеме, дигиталната, зелената транзиција и кои наметнуваат сосема нови потреби од вештини со кои не располага работната сила во Македонија“, додаде Николоски.

Увозот на работна сила во моментов се гледа како на важен фактор за побрзо генерирање поголем бруто-домашен производ и поголем економски раст.