Македонија
22. February 2024 - 19:54

Адвокатот за таткото на Вања бара куќен притвор, Фетаи смета дека треба да остане зад решетки - ама финалната одлука е во рацете на Апелациониот суд

Таткото на убиената 14-годишна Вања, преку адвокатот Владимир Туфегџиќ денеска на јавна седница во Апелација побара да му се укине мерката притвор. 

Адвокатот тврди дека Александар Ѓорчевски, кој е осомничен дека и давал информации на групата на Љупчо Палевски – Палчо за движењето на Вања, бил жртва на тортура во затворот во Шутка.

На денешната седница, обвинителката Фатиме Фетаи беше децидна дека таткото на Вања не треба да излезе од притвор оти постоела реална опасност за бегство, а и поради тоа што обвинителството имало основано сомнение од висок степен дека помогнал во убиството со умисла.  Сега одлуката за тоа дали таткото на Вања ќе остане во притвор е во рацете на Апелациониот суд, со чело на судијката Тања Милева. 

Во меѓувреме, во секој момент се очекува Палчо да биде екстрадиран во Македонија. Но точно кога, од Правда не откриваат. 

„Имаше средба, се очекува да завршат административните процедури, по што се очекува да биде екстрадиран во државата“.

Од МВР за Сител потврдија дека во тек е и дополнителна истрага во рамките на полицијата, со која практично се врши ревизија за тоа дали инволвираните служби постапувале согласно процедурите и стандардите за двојното убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Но, детали од ревизијата се уште не откриваат.