Бектеши останува во 30 дневен притвор – Папазов оди дома
Поранешниот министер за економија, Крешник Бектеши е единственото звучно име кое останува во притвор во истрагата за пожарот во импровизираната дискотека „Пулс“ во која загинаа 62 луѓе, а околу 200 беа повредени.
Доскорешниот градоначалник Љупчо Папазов, од кумановскиот затвор се сели дома. По барање на обвинителството во домашен притвор одат уште тројца осомничени, поранешниот прв човек на Пазарниот инспекторат, Горан Трајковски, еден инспектор и член на обезбедувањето.
Во домашен притвор веќе се поранешните градоначалници на Кочани, Ратко Димитриевски и Николчо Илиев, ексдиректорката на Пазарна - Анета Симеска Димоска, поранешните министри за економија, Ваљон Сарачини и Беким Незири. За амбасадорот Дритон Кучи, кој исто така раководеше со ова министерство, изречени се мерки на претпазливост.
Полицаецот кој беше недостапен за органите на прогонот изутрината сам се пријавил во Обвинителството. Тој е меѓу десетмината службеници кои завчера беа опфатени во истрагата откако МВР поднесе кривична пријава.
- Утринава сам се пријавил и сега е пред судија на претходна постапка, велат од Обвинителството.
Ниту еден обвинител не се повлекол поради наводни притисоци. Обвинителството ги демантираше овие тврдења и оттаму велат на случајот работат истите обвинители, како и досега.
Ваква информација изутрината лиферуваше ДУИ, тврдејќи дека истражните органи истрагата ја водат под политички притисок и со намера вината да се префрли кај други.
Опозицијата обвинува, истрагата се води селективно, а одговорност се бара само од поранешни функционери.
- Никој од нивните не е одговорен, а одговорни се сите службеници и функционери до 2022 година. Кај сите осомничени се водат постапки за периодот од 2012 до 2022 година. Но, што е со одговорноста на оние што на денот на пожарот – 16 март 2025 година биле на високи полициски функции, но и во други институции, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Во досегашната истрага за најголемата трагедија во Македонија опфатени се вкупно 59 осомничени лица.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар