Институтот за историја одбележува 80 години постоење
„Со научни аргументи, храброст и смиреност против обидите за негирање на македонскиот народ и неговото минато.“
Ова е пораката на историчарите по повод одбележување 80 години од основањето на Институтот за историја.
Јубилејот собра домашни и странски научници, кои дискутираат за предизвиците во проучувањето на минатото и за важноста од зачувување на историското наследство.
„Самите сте свесни со какви негирања македонскиот народ се соочува и со какви негирања се соочува македонската историографија, но на тие негирања ќе одговориме со храброст, научна храброст и со смиреност – бидејќи секој има право на сопствена вистина“, изјави проф. д-р Далибор Јовановски, раководител на Институтот за историја.
„Одговорноста на научната заедница е преку аргументирани истражувања, научна објективност и критички пристап да ги утврдува и афирмира историските вистини. Само така можеме да изградиме општество кое ја познава сопствената историја, ги почитува фактите и знае да учи од минатото“, изјави Весна Јаневска, министерка за образование и наука.
Дека интересот за оваа наука не стивнува, покажува и зголемениот број млади кои се одлучуваат да студираат историја, гледајќи ја како важен дел од зачувувањето на националниот идентитет.
„Верувам дека нашата држава заслужува студенти на историја и едноставно, ние без нашата историја сме осудени на пропаст. Зашто ако на еден народ му ја одземете историјата тој ризик е од асимилација“, изјави Един Рамчиловиќ, студент на Институтот за историја.
Одбележувањето на 80-годишниот јубилеј е потсетник на досегашниот придонес на Институтот, но и обврска за новите генерации да продолжат да го истражуваат, чуваат и афирмираат историското наследство.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар
