Дотраената водоводна мрежа остави 10 штипски населби 3 дена без вода
По тридневниот прекин, водоснабдувањето во Штип постепено се нормализира. Екипите на ЈП „Исар“ интервенираа на главната водоводна линија, стара околу половина век, но дел од граѓаните сè уште се без вода за пиење. Поради дефектите на водоводната мрежа, без вода останаа жителите на населбите Железничка, Пребег, Три Чешми, Ново Село, Исар, делови од Сењак и „8 Ноември“, како и 3 приградски населби, каде градоначалникот прогласи кризна состојба.
- Покрај тоа што променивме значителен број водоводни линии на територијата на општина Штип во изминатите пет години, односно голем процент од главните водоводни линии се заменети, сепак, оваа линија на која има дефект е стара водоводна линија, која непредвидливо предизвика повеќе од 40 часа прекин во водоснабдувањето на неколку населби, изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.
До целосно нормализирање на водоснабдувањето, за жителите во најпогодените населби се обезбедени цистерни со техничка и флаширана вода за пиење.
– Поседуваме капацитет, поседуваме резервни делови кои се потребни за да ја завршиме оваа интервенција. Ги замолувам граѓаните за разбирање, а како што напомена градоначалникот, ќе ги активираме нашите две нови цистерни кои ќе дистрибуираат техничка вода. Паралелно со нив ќе биде поставен и пункт за вода за пиење, изјави Александар Арсоваски, директор на ЈП „Исар“- Штип.
Штип располага со доволни количества вода за пиење, но дотраената водоводна инфраструктура и натаму е причина за честите прекини во снабдувањето. Локалните власти очекуваат дека со пуштањето во употреба на трите нови резервоари ќе се обезбеди постабилно и посигурно водоснабдување на градот.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
