Македонија
17. April 2025 - 16:47

Стручен надзор на Кардиохирургија

Министерска комисија влезе во државната Кардиохирургија за да изврши вонреден стручен надзор за тоа како почина 57-годишниот пациент на оваа клиника. Комисијата ќе треба во рок од 8 дена да ја провери работата на Кардиохирургија и да даде извештај до министерот Таравари.  

Сомнеж за работата на оваа клиника министерството пројави по извештајот на Државниот здравствен и санитарен инспекторат дека не работела едната ангиографска сала, но и дека на Клинички немало ни стент-графтови за евентуално да се интервенира кај пациентот. Од министерството велат дека до сега Кардиохирургија не упатила на тоа дека во периодот на реновирање ќе имаат проблем во функцинирањето.

„Од Клиниката за кардиохирургија во своето известување од 8.02. го известуваат Министерството за здравство дека почнувајќи од 14.02. во просторот во операциона сала број 2 ќе се спроведат градежни работи и во тој период ќе функционира операциона сала 1, односно пациентите ќе бидат соодветно згрижени со здравствена услуга“, коментираат од Здравство. 

Од друга срана не престануваат политичките реакции за разрешување на министерот Таравари откако семејството на пациентот обвини дека тој починал бидејќи во Кардиохирургија немало услови за лечење и спас на болниот.

„Министерот Таравари продолжува да ја крие сопствената одговорност позади некаква стручна комисија, која треба да утврди дали имало пропусти од здравствените работници за случајот со починатиот пациент на Клиниката за кардиохирургија. Јавноста мора да знае дека затворање на единствената сала на Кардиохиругија, во услови кога очигледно пациентите нема каде да се пренасочат - претставува колапс на здравствениот систем по директива на министерот!“, велат од партијата на Апасиев.

Слична реакција и барање вчера пак, стигна и од опозциската СДСМ.

Таравари претходно изјави дека починатиот пациент бил примен на Кардиохирургија, а лекарите одлучиле дека не треба да се оперира, но и дека ќе има проверки дали е направен лекарски пропуст.  Според министерот во една од салите на Кардиохирургија се инсталирал нов апарат, по што требала да профункционира на 15 мај.