Македонија
21. April 2023 - 21:09

Судот во Стразбур досуди отштета за 30-тина ромски семејства поради сегрегација на нивните деца

Европскиот суд за човекови права во Стразбур, пресуди во корист на 30-ина ромски семејства од Штип и Битола кои поднесоа тужба, бидејќи сметале дека врз нивните деца се врши сегрегација во училиштата. 

Во учебната 2017/2018 година биле формирани 3 паралелелки за прво одделение во штипското ОУ „Гоце Делчев“, од кои две биле мешани, а во третата биле само ученици Роми. Според пресудата државата е должна да им исплати 46.000 евра.

„Државата е таа која што треба да ги подмири трошоците во врска со овој проблем за сегрегацијата. Износот е 1200 евра по лице кое што е дел од пресудата, изјави Снежана Санева, одделение за образование - Штип. 

Сегашното и претходните раководства на училиштето се обидувале да го решат овој проблем, но прашањето е доста комплексно. 

„Прво географски, учениците живеат на територијата околу училиштето „Гоце Делчев“. Најмногу од ромските семјства живеат на оваа територија, така што почитувајќи го Законот за рeонизација овде ништо не е спорно што тие се запишуваат во ова училиште, а деца од другите националности има се помалку“, додаде Санева.

Според Санева, на некој начин самиот Закон продуцира сегрегација. Од една страна мора да се почитува реонизацијата, а од друга, на родителите не може да им биде ускратено правото детето да биде запишано во она училиште за кое тие сметаат дека е најдобро за него. Некои од родителите ја менуваа и адресата на живеење, за што веќе се преземаат и конкретни мерки.

„Личните документи кои што ги поднесуваат да бидат строго контролирани, да бидат поднесени од двајцата родители, со точна адреса на местото на живеење или претстојување на родителите во моментот кога го запишуваат своето дете во училиште“, изјави Санева.

Во ова училиште скоро 2/3 од учениците се од ромска националност. Локалната самоуправа ќе прави напори за дисперзија на овие деца во други училишта, со цел да се формираат повеќе мешани паралелки.