Регионален семинар за управување со миграциските движења
Експерти и претставници од сите земји низ кои минува мигрантската рута учествуваат на дводневниот Регионален оперативен семинар за управување со миграциските движења и борба против криминалните мрежи што ја поттикнуваат илегалната имиграција во Југоисточна Европа, во организација на Француската амбасада во Македонија, со цел детектирање и размена на најдобрите практики и предлагање конкретни решенија за оперативна размена и соработка во регионални и европски рамки за одговор на миграциската криза.
Државниот секретар во Министерството за внатрешни работи Анастасија Илиеска, на отворањето на семинарот порача дека Министерството, како еден од столбовите на националниот систем на интегрирано гранично управување и еден од носителите на креирањето и имплементацијата на миграциската политика во Македонија, внимателно ги следи и опсервира миграциските трендови во регионот и пошироко.
- Македонија поради геостратешката положба претставува клучна точка на западно-балканската миграциска рута. Бројот на мигранти и бегалци што во текот на 2015 година транзитирале низ Македонија надминува бројка од 500.000 и секојдневно се зголемува. Ние само за еден ден, на 11 септември евидентиравме влез на 10.400 мигранти, а од тогаш нивниот број се движи од 4 до 9 илјади мигранти на ден, рече Илиеска.
Француската амбасадорка во Македонија Лоренс Оер истакна дека темите на семинарот како откривање на фалсификувани документи, зајакнување на контролите на границите, размена на информации за каналите за шверц и илегалната миграција од Балканот, како и ситуацијата со барателите на азил се актуелни по случувањата во Париз и ја истакнуваат потребата од соработка меѓу полициските служби за избегнување на вакви кризи.
Миграциската криза, продолжи Оер, нема само хуманитарни, туку има и криминални елементи и не доаѓа само од региони во војна, туку и од самиот Балкан. - Затоа сите заедно треба да размислуваме кој е најдобриот начин да се одговори на миграциската криза што секојдневно еволуира, рече француската амбасадорка.
На семинарот учествуваат македонски експерти и експерти од соседните земји Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Грција, Косово, Црна Гора и Србија, кои во текот на следните два дена ќе работат за зацврстување на соработката на хуманитарен и безбедносен план.
Семинарот е дел од акцискиот план донесен на неодамнешниот самит во Брисел и треба да овозможи запознавање преку размена на информации и потврдени практични постапки на експертите за истрага коишто се специјализирани во областа на борбата против организираните мрежи на шверц и нелегална имиграција, како и за истражните техники и откривањето на фалсификувани патни документи и за споделување на собраните податоци и размена на конкретни оперативни искуства за превенирање и справување со миграциската криза којашто го зафати европскиот континент.
Ново на Сител
-
17 годишен скопјанец тешко повреден откако бил нападнат на постојка во Центар
-
Тригодишно дете заболено со голема кашлица
-
Бојкот на продавници во БиХ поради високите цени на основните намирници
-
Мицкоски и Азески го поддржуваат бојкотот на маркетите, сметаат дека дијалогот е единствен излез од оваа ситуација
-
Бислимоски: Наскоро нов пристап за набавка на електрична енергија за државните непрофитни институции
-
Се заканувале со остар предмет и ги земале парите од дневниот промет - приведени двајца разбојници во Куманово
-
Раст на невработеноста во ЕУ на месечно ниво
-
Извлечени плеј-оф двојките за осминафиналето на ЛШ: Реал против Сити, Баерн игра со Селтик