Македонија
22. May 2021 - 15:37

Николовски: Шансите Македонија да почне со преговори за членство во ЕУ се мали, сведени само на теорија

Потпретседателот и пратеник на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски денеска одговарајќи на новинарско прашање дали очекува да се отпочнат преговори со Европската унија и што доколку тоа не се случи, истакна дека сака и посакува почеток на преговори со ЕУ, но дека не е оптимист дека истите ќе започнат, заради, како што рече, политиките кои ги води оваа Влада.

Заев, Димитров и Османи, според него, треба да си поднесат одговорност затоа што, како што рече, „излажаа за датумот за преговори на изборите минатата година“.

– Едно е дали сакам, друго е дали очекувам, секако дека сакам и посакувам да Македонија конечно почне со преговорите за членство во ЕУ, тоа го заслужуваат пред се македонските граѓани, но мислам дека шансите се мали да не речам никакви, сведени само на теорија, не сум оптимист дека Македонија ќе почне за скоро преговори пред се заради политиката што ја води оваа Влада, не сум голем оптимист дека ќе ги започнеме преговорите, истакна Николоски.

Во однос на предлогот кој власта го прифатила во преговорите со соседна Бугарија, Николоски вели дека ВМРО-ДПМНЕ не добила никаков предлог, ниту пак знае за што се разговарало и прифатило.

– Македонија треба да почне преговори за членство, но надворешната политика доживува целосно фијаско, всушност и самото тоа што имаше предлог покажува дека Зоран Заев лажеше, кој прво вети, па потоа рече дека исполнил решавање на сите проблеми со соседите, па кога го потпиша оној штетен договор со Бугарија во 2017 година рече дека сите проблеми со соседите се решени, за да денеска видиме дека воопшто не се решени, туку резултираа со вето од Бугарија за почеток на преговорите за членство и сега гледаме дека тој Договор со Бугарија не бил доволен, па се даваат нови предлози коишто претпоставувам дека се надвор од Договорот, вели Николоски.

Коментирајќи за новиот универзитет „Свети Свети Кирил и Методиј“ од Велико Трново, Николовски рече дека е корисно да се развива соработка на научен план, но, според него загрижува начинот на кој тоа се прави.

– Имам две работи што би сакал да ги кажам. Прво, апсолутно мислам дека е корисно да се развива соработка на научен план, за тоа што науката е она што треба да ги обединува жителите, не само на Балканот туку и во цела Европа и најдобрите да одат напред. Но, она што ме загрижува е начинот на кој што ова се прави, од проста причина што од сите универзитети кои што ги има во Бугарија се избра токму овој универзитет кој што има исто име со најголемиот универзитет во Македонија „Свети Кирил и Методиј“, на кој што голем број генерации се образувале и се образуваат.  Најголем дел од нас го стекнаа своето високо образование таму. И навистина на овој подмолен начин да се подриваат темелите на најголемиот македонски универзитет мислам дека е за секаква осуда, истакна Николоски.