Македонија
3. August 2015 - 12:56

Намалени приносите на жито во Крива Паланка и Ранковце

Околу осумдесет отсто од засеаните површини со житни култури во Крива Паланка и Ранковце се ожнеани. Според досегашната количина на собрано жито, приносите од жетвата ќе бидат пониски во однос на изминатите години, информираат од Подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство од Крива Паланка.

- Реколтата од житото ова лето е далеку пониска од просечната, иако има уште површини кои треба да се ожнеат. Приносите од пченица се движат околу 1,5 тони на хектар засеана површина, а речиси идентично е и со останатите житни култури, изјави Влатко Ристовски, советник во стручната канцеларија на Агенцијата за поттикнување и развој на земјоделството од Крива Паланка. 

Ова, како што рече, се должи на лошите временски услови, врнежите и поплавите кои ја зафатија Македонија годинава, поради што е намален квалитетот на житните култури, а и се редуцирани приносите.

Во Крива Паланка и Ранковце оваа година беа засеани околу 560 хектари пченица, 690 хектари јачмен, на 110 хектари беше засеан овес, на 140 хектари тритикале и на 90 ’рж.

До крајот на неделава се очекува жетвата на територијата на двете општини да заврши, а со тоа и ќе биде утврдена вкупната годинашна реколта.