Свет
19. September 2019 - 8:30

Најмалку седум загинати и 85 повредени во експлозија во Авганистан

Најмалку седум лица загинаа, а 85 се повредени во експлозија на камион бомба што утрово се случила во близина на владината болница во Забул, југозападен Авганистан, соопштија локалните власти.

Во експлозијата значително се оштетени голем број деловни згради и куќи.

– Повикани се амбулантни возила од градот Кандахар за да ги пренесат повредените во болниците во провинцијата Кандахар. Повеќето од настраданите се однесени во приватни болници, изјави претставник на локалните власти за авганистанските медиуми.

Ата Јан Хакбајан, шеф на провинцискиот совет, рече дека бројот на загинати може да се зголеми.

Талибанците ја презедоа одговорноста за нападот.