Началникот на ГШ на Армијата Лафчиски на конференција на САД-Јадранската повелба во Тирана
Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, денеска учествуваше на 27. конференција на началниците на генералштабовите на Вооружените сили од земјите членки на САД-Јадранската повелба (А-5), која се одржува во Тирана, соопшти армискиот ГШ.
На конференција, чиј домаќин е началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Република Албанија, генерал-мајор Арбен Кинџи, се дискутираше на темата „Војната во Украина и сè поразвиената мрежа на материјална поддршка во Русија ја наметнуваат неопходноста од зголемување на одбранбените трошоци до 2% од БДП и исполнување на НАТО целите на способности, кои се неопходни чекори во процесот на модернизација на одбраната и напорите за интероперабилност во современото безбедносно опкружување“.
Генералот Лафчиски во своето обраќање се заблагодари на нашиот стратешки партнер САД за континуираната поддршка на оваа регионална иницијатива. Во продолжение истакна дека зголемувањето на трошоците за одбрана е од суштинско значење за процесот на модернизација и исполнување на прифатените цели на способности во рамките на НАТО. Во врска со поддршката кон Украина и солидарноста помеѓу сојузниците, генералот нагласи дека покрај зачувувањето на демократските вредности се дава и директен придонес кон стабилноста во регионот.
По завршување на конференцијата потпишана е заедничка изјава со која се потврдува заложбата за натамошно зајакнување и продлабочување на односите, како и проширување на воената соработка со цел зајакнување на регионалната безбедност.
Во рамките на програмата генералот Лафчиски оствари билатерални средби со началниците на генералштабовите од земјите членки на А-5, како и со командантот на Командата на САД за Европа и Африка, воедно и командант на Врховната сојузничка команда за операции, генералот Кристофер Каволи.
Како набљудувачи на конференцијата присуствуваа и воени претставници од ГШ на Вооружените сили на Словенија и од Косовските безбедносни сили, а во улога на гости беа и командантите на Националните гарди од сојузните држави на САД, кои се партнери на земјите членки од А-5.
Ден претходно се одржа конференција на главните подофицери на Вооружените сили на земјите членки на А-5.
САД-Јадранската повелба датира од 2003 година, со потпишување на договор во која покрај САД како покровител, Република Северна Македонија, Албанија и Хрватска се обврзаа низ институционална рамка да ја развиваат регионалната соработка во областа на одбраната. Подоцна во текот на 2008 година, на иницијативата се приклучија Босна и Херцеговина и Црна Гора, додека Словенија, Србија и Косово имаат статус на земји набљудувачи, се наведува во соопштението од ГШ на Арнијата.
Ново на Сител
-
Тема на денот со Борко Ристовски, министер за спорт
-
Мицкоски оптимист за ЕУ интеграцијата и покрај ставовите на Кос
-
Гаши за уставните измени
-
Mицкоски ќе оди на средба со банкарите – да им го каже она што сакал да им го каже
-
Скопје на седмо место според загаден воздух во светот – почна сезоната на алармантно аерозагадување
-
Десет дена Виница се гуши во отпад
-
Граѓански собир во Охрид за решавање на проблемот со дивите депонии
-
Слаб интерес за приклучок на гасоводната мрежа во Струмица