Македонија
10. August 2023 - 17:16

На преминот Ќафасан во просек дневно по 10 илјади патници, нема задржувања

На граничниот премин Ќафасан, на македонско – албанската граница кај Струга, последните денови за влез и излез од албанска територија се регистрираат по над 10 илјади патници, јави Топ чанел.

-Најголем дел од патниците кои доаѓаат во Албанија се туристи кои одат на албанското крајбрежје за да го поминат својот летен одмор. И покрај големата фреквенција  преминувањето на границата се одвива без задржување. Туристите кои доаѓаат се од Северна Македонија, но и од различни европски земји, наведува телевизијата.

Оценува дека за разлика од првите денови на месецов, од кога почна да функционира заедничко управување на граничните и царинските контроли со едно застанување, кога имаше подолго задржување,  сега тоа е надминато што го потврдуваат и туристите.

– Доаѓаме на одмор во Албанија. Ќе останеме една недела. Без проблеми ја минавме границата, не се задржавме ни 5 минути, изјави турист.

Во последните 24 часа преку овој премин за влез на албанска територија регистрирани се 5700 додека за излез  4800 лица.

-На двете страни функционираат по три шалтери, што е доволно за да се справат со зголемениот бран на патници и возила. Од почетокот на овој месец на преминот регистрирани се над 100 илјади патници на влез во и излез од албанска територија.