Македонија
1. November 2024 - 21:31

Како да се заштитите од фишинг напади?

Панче Тошковски - министер за внатрешни работи. Александар Јанев - директор на Бирото за јавна безбедности.

Нивните имиња се последни од низата институции кои се злоуптребени за т.н. Фишинг напади за прибирање на лични податоци од граѓаните.

-Жртвите добивале порака дека се предмет на наводни правни постапки за измислени кривични дела и се повикувале да стапат во контакт со испраќачот преку вибер или телеграм линк, велат од МВР.

Фишинг нападите се сѐ почеста појава, како во земјава, така и во Европа, особено од пандемијата со Ковид-19.

Годинава до МВР пристигнати се 10 пријави за фишинг напади, но никој не пријавил дека бил оштетен преку прибирање на неговите податоци. 

Претходно, пораки беа испраќани и од Пошта. Лажна страница на Фејсбук доделуваше бесплатна годишна Скопска картичка за само два долари.

Сето ова за да се дојде до лични и банкарски податоци или да се пробие во компанијата или институцијата кадешто работите.

Како да се заштитите?

Најчесто доаѓаат како пораки преку СМС, вибер, социјални мрежи, електронска пошта. Доколку станува збор за СМС порака или порака преку алатките за комуникација, најчесто можете да го видите бројот од кој е испраќана. Префиксот е првото нешто што треба да го забележите, бидејќи најчесто овие напади доаѓаат од источно-азиските држави.

Печатни или граматички грешки. Ги има секогаш бидејќи содржината во пораката најчесто е преведувана преку Гугл транслејт.

И последно, линкот…. Најчесто линковите немаат никаква врска со институцијата или компанијата од која наводно е испратена пораката. Веб страниците на јавните институции главно завршуваат со „gov.mk“.

Во меѓувреме, почна јавната расправа за Национална стратегија за сајбер безбедност за идните четири години.

Фокусот таму секако институциите, критичната инфраструктура - како енергетскиот сектор и финансиските институции, здравствени институции, и тоа поради нападите чии мети беа МЕПСО, Фондот за здравство, Министерството и економија, и други.

Ќе биде формиран Владин безбедносно-оперативен центар кој ќе биде управуван од страна на Секторот за сајбер безбедност на Министерството за дигитална трансформација. Овој центар ќе има за цел да одговори на компјутерски безбедносни инциденти.

Но со Стратегијата предвидено е градење на општество отпорно на сајбер напади - столб кој е наменет токму за граѓаните.

-Тука имаме два главни клучни фокуси. Едукација на возрастните и заштита на најмладите. Во соработката со најквалитетните академски институции во областа на сајбер безбедноста за коишто морам да кажам дека имаме врвен квалитет во државата, ќе развиеме сеопфатна национална платформа за едукација која ќе биде достапна на сите граѓани, вели министерот Стефан Андоновски.

Веќе се работи и на MK SafeNet - центар за побезбеден интеренет за деца.

-Развиваме современи алатки за родителска контрола, филтри за блокирање штетни содржини, формирање на овој Национален центар којшто секојдневно 24 часа ќе ја следи состојбата на безбедност на интернет на деца, вели Андоновски.

Со стратегијата предвидени се и задолжителни обуки за вработените во јавниот сектор бидејќи добар дел од пробивањето во институциите доаѓа поради грешка на службениците кои отвораат небезбедни страници и линкови.