Македонија
13. December 2016 - 15:07

Милан Петковски: Заштитата при работа e на ниско ниво

Работодавачите најчесто ги спроведуваат мерките за заштита при работа непосредно пред доаѓањето на инспекциските контроли. Законската обврска да овозможат содветни услови за вработените од аспект на безбедност, ја доживуваат како дополнителен трошок, наместо како заштита и долгорочност на нивниот бизнис.

Ова е ставот што изнесе денеска Милан Петковски, претседател на Македонското здружение за заштита при работа, пред промоцијата на стандардите за безбедност и здравје при работа во Стопанската комора.

Според Петковски, иако Законот вели дека одговорноста за заштитата и безбедноста при работа е само на работодавачите, во процесот, сепак, треба да бидат инволвирани сите, и вработените и надлежните институции. Вработените мора да бидат информирани, да си ги знаат правата, а институциите треба да имплементираат систем за анализи на несреќи базиран на призната методологија за да се знае точно колку сме здрави, способни или не, за работа.

- Во Македонија од аспект на заштита при работа, не е безбедно да се работи. Голем дел од работодавачите, законската обврска за заштита при работа ја чувствуваат како пресија, а не како можност за развој на нивната компанија. Од вработените, пак, речиси 85 отсто не си ги знаат правата, истакна Петковски.

Статистиката покажува дека во Македонија неделно на работното место животот го губи едно лице или 44 лица годишно, а најризични струки се земјоделството, транспортот, градежништвото и црната металугрија.

- За да се подобрат состојбите, додаде, најважно е да се смени пристапот, културата во однос на превентивното делување, подвлече претседателот на Здружението.

Посочи и пример кој јасно покажува дека компаниите многу повеќе ги чини ако работникот се повреди и не доаѓа на работа. - Доколку платата на работникот е 12.000 - 13.000 денари, а тој се повреди и не доаѓа на работа три месеци, работодавачот (фирмата) ќе изгуби околу 2.500 евра, рече Петковски. 

Состојбите не се подобри ниту во регионот, поради што земјите заеднички спроведуваат проект кој, како што информира Петковски, треба да го подигне нивото во однос на заштитата при работа.