Неолитски населби кај струмичко Костурино и дојранско Црничани
Во близина на струмичко Костурино и дојранското село Црничани постоеле неолитски населби стари осум милениуми. Ова го потврдија и геомагнетните скенирања што ги спроведе струмичкиот завод и музеј на овие два локалитети.
Прелиминарните резултати ги потврдија претходните сознанија на археолозите дека на овие простори имало континуиран живот, но истовремено за прв пат даваат информации и за просторната организацијата на тој тип населби која по многу нешта наликува на денешните урбани центри.
Според археологот Зоран Рујак најновите сознанија во двете неолитски населби се многу важни бидејќи преку нив се добива појасна слика за неолитот кој бил многу изразен на просторот на Македонија.
Првите археолошки истражувања на неолитската населба Орниче која се смета за најстара во Југоистокот беа реализирани во 2018 година. Од завод и музеј Струмица најавуваат дека теренските активности на овие локалитети продолжуваат, а добиените сознанија од геомагнетните истражувања ќе послужат за археолошките ископувања планирани во 2025 година.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар