Македонија
28. December 2024 - 16:30

Рамиз Мерко остана без пасош – Обвинителството покрена ново обвинение против него за ширење етничка омраза

Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко остана без пасош, а му се заканува затворка казна, откако обвинителството во Струга покренало ново обвинение против него. Овојпат според ОЈО предизвикал етничка омраза и раздор поставувајќи спомен плоча пред општината напишана само на албански јазик.

Мерките на претпазливост кои ги испратило обвинителство се побарани поради опасност од бегство.Судот го прифатил барањето за одземање на пасошот и го задолжил Мерко еднаш неделно да се јавува во судот.

-Надлежен јавен обвинител, по спроведена претходна постапка, поднесе Обвинителен предлог затоа што обвинетиот, како градоначалник на општина Струга, во март годинава, поставил спомен обележје – плоча на влезот на општинската зграда, со кое поттикнал етничка омраза и раздор меѓу жителите на Струга, со што сторил кривично дело предвидено во член 27 од Законот за меморијални споменици и спомен-обележја. Имајќи предвид дека обвинетиот е долгогодишен јавен функционер, против кого ОЈО Струга во краток временски период годинава поднесе повеќе обвиненија и веќе води осум судски постапки за кривични дела – Злоупотреба на службена положба и овластување и Несовесно работење во службата, надлежниот јавен обвинител оцени дека постои реална опасност обвинетиот да се обиде да го избегне кривичниот прогон, велат од ОЈО.

По информациите на ОЈО, албанскиот владин партнер Вреди вели дека ДУИ нон грата се растура како кула од карти. Рамиз Мерко нон грата, познат на неговата клика како „кралот“ на Струга, денес се соочува со своите злодела. Обвинителството, судовите и МВР кои некогаш го штитеа, денес не можат да го спасат, реагираат од ВРЕДИ.

Оние кои 20 години ја рушеа државата со корупција и криминал, денес се исправени пред правдата. Артан побегна, Прперим исчезна, Мерко нема пасош, а ќелиите се дезинфицираат за да ги пречекаат сите..ДУИ сега е синоним за измама, кражба и предавство на албанскиот народ. Но, нивниот крај започна, нивните бегства се само доказ дека никој не бега од правдата, реагираат од Коалицијата Вреди.

Со последното поднесено обвинение против Мерко ќе се водат вкупно девет активни судски постапки, при што во секоја од нив му е запретена и затворска казна.

Лани во јуни Мерко се најде и на црната листа на САД поради вмешаност во значајна корупција.