Македонија
27. August 2024 - 14:04

Мицкоски: Имаше обид да ме поткупат за Коридорот 8

Премиерот Христијан Мицкоски денеска обелодени дека врз него имало обид за поткуп за Коридорот 8, односно како претседател на Владата да ја прифати тендерската документација што истекува на 17 септември. Мицкоски не прецизираше кој стои зад поткупот, само кажа дека „се знае како оди тоа, преку канали за комуникација“. За ова ги известил партнерите од ЕУ со кои имал состанок, а тие, рече, со разбирање ги прифатиле аргументите. Дијалогот со бугарската страна, информира Мицкоски, ќе се одвива во Брисел, на високо ниво, а процесот ќе го фасилитира Европската комисија.

Според Мицкоски, за обидот за поткуп се информирани сите надлежни институции.

- Лично кажувам, пред целата македонска јавност, дека за Коридорот 8, секцијата 3, пругата, врз мене имаше обид да ми биде понуден поткуп со што јас како премиер би потпишал прифаќање на оваа тендерска документација што истекува на 17 септември. Затоа кажав дека се додека сум премиер, нема да го прифатам овој тендер. Завршија времињата на таков тип комуникација со претседателот на Владата, можеби со некои други имало така, со овој нема така. Сите институции кои треба да бидат информирани, се информирани. Нормално дека тоа не оди транспарентно и со докази, преку документ. Се знае дека тоа е канал за комуникација, но сум доволно искусен за да предвидам дека целта на соговорникот е таа за која зборував, потенцира Мицкоски.

Одговорајќи на новинарски прашања, премиерот подвлече дека приоритет се сите коридори што минуваат низ земјава, а на Коридорот 8 и Коридорот 10, нагласи, ќе се работи со истата посветеност зашто двата се за државата многу важни.

-Што се однесува до Коридорот 8 имавме пред почетокот на седницата на Влада комуникција со официјални лица од Брисел, од ЕК, но и од банките што даваат грант или заем за овој проект. Тоа се ЕБОР и ЕИБ и мислам дека по денешниот состанок дури и на нив им е прилично јасно дека вака како што е конципиран проектот претставува сериозен проблем. Не можам никогаш како претседател на Владата да ставам потпис на проект, да потрошам половина милијарда пари на моите граѓани за проект што завршува на половина тунел во слепа улица. Додека сум јас премиер, тоа нема да се случи. И второ, бидејќи бев жртва на обид за поткуп поврзан за тој проект, јас кажав дека ваков каков што е, никогаш нема да го поддржам, бидејќи тука не станува збор за пари на македонските даночни обврзници, туку и на европските. Не сме ние како сите други, не сме ние како што мислат дека ќе дојдат едни па ќе заминат други итн. и истото ќе функционира на истиот принцип – понуди проценти и сета работа ќе се задржи. Вака како што е, ние нема да го поддржиме додека сум претседател на оваа Влада. Морам да признам дека од страна на нашите соговорници од Брисел тоа беше со голема загриженост прифатено и добивме уверување дека истото ќе биде проследено, истакна Мицкоски.

Според него, втората голема грижа е што проектот не е целосен.

- Очекуваме иста таква посветеност и загриженост како што ние ја манифестираме и од бугарска страна, односно другата половина од тунелот да биде завршена, но и оние 5-6 километри со кои ќе треба да се поврзе со веќе постоечката пруга од бугарска страна зашто нам ни треба целиот Коридор, а не да потрошиме половина милијарда евра овде, а тие да не направат ништо. Ќе ве потсетам на граничниот премин Клепало кога од македонска страна се’ беше завршено и патот и граничниот премин, а од бугарска страна немаше ништо завршено. И ќе ве потсетам дека ние го привршуваме и ако се’ биде како што треба до крајот на годината ќе биде завршен експресниот пат кој ќе ја поврзе земјава со источниот сосед што ќе заврши некаде после Крива Паланка. Така што, ние посветено работиме на Коридорот 8 и ќе продолжиме, но очекуваме иста таква посветеност и ист таков жар од страна на нашиот источен сосед бидејќи овој Коридор е потребен цел како стратешки коридор, рече Мицкоски.