Мицкоски: Или сите да работат во недела со двојна дневница или никој
Премиерот Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за пратенички прашања одговарајќи на прашање околу тоа кој е ставот на Владата за недела неработен ден, истакна дека тоа не треба да биде селективно како што го направила претходната влада туку или да се даде можност на сите кои ќе постигнат договор со работодавачите за двојна или тројна дневница да остварат таков приход или никој да не работи.
„И денеска е недела работен ден, но за одредени економски оператори, дури во законот со квадратура се нацртани и се опишани кои се тие. Да речеме, работи еден трговски центар којшто се сеќавам на фанфари го отвораше тогашната коалиција СДСМ-ДУИ во занесот на инспирацијата пред првиот или вториот круг на локалните избори 2021 година мислејќи дека на тој начин ќе постигне подобар резултат. И сега има одредени економски оператори коишто работат. Ние како влада си го поставуваме следното прашање, а тоа е или никој да не работи, вклучително и тие, или тие коишто сакаат да работат со согласност на работниците коишто сакаат да работат да добијат двојна дневница. Тоа е дилемата која што ја имаме како влада и тука не гледаме ништо лошо“, истакна Мицкоски.
Тој додаде дека според мерењата на јавното мислење околу 75% се за во недела да работат доколку им се плати двојна дневница.
„Дури, за ваша информација, месечно три пати мериме јавно мислење за внатрепартиски и внатре коалициски потреби и на тие јавни мерења, обично една или две се телефонски и едно е секогаш теренско мерење. Отприлика тестираме неколку атрибути меѓу кои и овој атрибут. Седумдесет и пет проценти од граѓаните се за тоа тие што сакаат во недела да работат доколку им се плати двојна дневница“, нагласи Мицкоски, но додаде дека кое ќе биде конечното решение ќе зависи од следниот состанок на Економско-социјалниот совет.
„Дали ќе дојде до овие законски интервенции и кои ќе бидат, кон кое решение ќе конвергираме ќе зависи од тоа каков ќе биде резултатот на следниот состанок на Економско-социјалниот совет. Ова прашање ние сме го разговарале и со синдикатите. Ова не е прашање кое ние сакаме да го наметнеме. Сме го разговарале и со синдикатите и со стопанските комори, работодавачите. Ние не сме го разговарале ова прашање во тесен круг и да носиме одлука, па потоа да не знаеме што да правиме со таа одлука. Ако мислите дека ние на сила ќе направиме нешто, нема да го направиме на сила“, подвлече Мицкоски и додаде:
„Генерално се катализираат две решенија. Едното е или никој да не работи, ама никој. Има еден таков главен град на една држава во централна Европа, никој не работи во недела и готово, тоа е тоа, или ако некој плати дупла дневница или договори со синдикатите поинакви услови да може да работи, да работи“.
Тој исто така потенцираше дека негово лично мислење е или да се даде можност на тие што сакаат за подобар приход да работат или никој да не работи, но се ќе зависи од состанокот на Економско-социјалниот совет на кој отворено ќе се разговара со работниците и работодавачите.
„Ако сакаме да правиме диверзификација и промена на нашиот економски модел и концепт, мораме да размислуваме вака. Кое ќе биде конечното решение јавноста ќе го знае откако ќе заврши последниот состанок којшто ќе го имаме со Економско-социјалниот совет на којшто ќе разговараме заедно отворено, гласно и јасно помеѓу работодавачите и работниците. Мое лично мислење еве да немате дилема е дека за сите оние коишто ќе постигнат договор со работодавачите и ќе добијат повисока дневница, двојна тројна итн. треба да биде овозможено во недела да работи и да остварат таков приход или, ќе повторам, никој да не работи“, заклучи Мицкоски.
Ново на Сител
-
Кривична за два полицајци - неовластено му го ограничиле движењето на турски државјанин
-
„Росавијација“: Авионот на „Азербејџан ерлајнс“ ја промени рутата поради густа магла и закана од украинските дронови
-
Обвинителството оформи предмет по допрен глас за изјавата на Мицкоски дека бил следен
-
Дурмиши: Доколку продолжат со зголемување на цените, одлуката за замрзнување на цените е подготвена
-
Протестен марш против аерозагадувањето утре во Скопје
-
Руте: НАТО ќе го зајакне своето воено присуство во Балтичкото Море
-
Педесет тони хуманитарна помош од ЕУ и СЗО се очекува да пристигнат во Сирија на 31 декември
-
Поради сообраќајка по една коловозна лента се одвива сообраќајот на патот Куманово – Крива Паланка