Македонија
7. December 2016 - 8:31

Македонија мрзне - Скопје меѓу најстудените градови

Најниска температура од минус осум степени утрово е измерена во Берово. Во Скопје, мерна станица во Петровец, се измерени минус шест, -4 во Струмица, Демир Капија, Штип, Крива Паланка, Тетово и Лазарополе, -3 во Битола, Куманово и Скопје, -2 во Крушево и Дебар и -1 степен во Охрид, Пожаране и Виница, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.

Нула степени се измерени во Ѓуриште и Претор, два степена во Тополчани и Прилеп, три во Гевгелија и шест степени во Дојран.

Во Македонија утрово е сончево и студено, а во југозападните делови со мала локална облачност. Дува слаб ветер од северен правец кој повеќе е изразен на повисоките места и планините. По одделни котлини и долж Повардарието има магла и магла со намалена видливост, во Демир Капија видливоста е до 50 метри.

За текот на денот УХМР најавува сончево време со мала облачност, долж Повардарието со умерен северозападен ветер. Претпладнето по одделни котлини ќе има појава на магла и ниска облачност. Највисоката температура на воздухот ќе се движи од 5 до 12 степени.

Во Скопје претпладне ќе има појава на слаба магла, а во текот на денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност и умерен северозападен ветер. Највисоката температура на воздухот ќе достигне до 7 степени.

Во наредните денови ќе преовладува сончево време со ниски утрински температури. Утре ќе има појава на утринска магла по котлините. Позначителен пораст на дневната температура ќе има в петок и за време на викендот.