Македонија
28. April 2022 - 14:04

Ковачевски: Планирам да го информирам Петков дека ќе отвориме Културен центар во Благоевград

Пратениците во Скопје за прв пат денеска се соочија директно со премиерот Димитар Ковачевски по изборот на новата Влада. Тема по која најмногу се говореше е спорот со Бугарија и отворањето на Културен центар во Битола, за кој премиерот рече дека е разочаран.

„Конкретно, ние две држави, како два народи сме различни со различен културен, јазичен и национален идентитет. Така било, така ќе биде бидејќи македонскиот народ има вековита засебна традиција, историја и посебен идентитет. Но, во исто време не сум задоволен, не се согласувам и сум многу разочаран што соседна Бугарија одлучи да именува центар со името на Ванчо Михајлов. За мене, а знам и за огромно мнозинство граѓани, лицето Ванчо Михајлов е поврзано директно со нацистички и фашистички режим, тоа е крајно негативен лик кој направил огромна штета на македонскиот народ. Човек кој учествувал во ликвидација и ништење на македонски револуционери, бил соучесник во режимот кој ги депортираше сите македонски Евреи во логорите на смртта и тоа е огромно, ужасно не простливо злосторствo.

Ковачевски откри дека Северна Македонија планира отворање на Културен центар во Благоевград во текот на оваа година.

За името вели дека ќе се одлучи заедно со македонскиот Институт за историја.

„Дадов насоки на надлежните ресори, министрите да направат анализа зошто нема законска регулатива со која ќе се спречат вакви и други имиња да бидат користени. И најважно од се, да подготват законска основа за соодветно третирање на истите и на крај, планирам директно да го информирам премиерот Петков, дека како Влада во текот на оваа година планираме да отвориме нов културен центар во Република Бугарија, во Благоевград а името ќе го одредиме во координација со нашиот Институт за историја“, вели Ковачевски.