Македонија
4. October 2024 - 16:45

Кривична пријава за шест затворски полицајци од Идризово - помогнале во бегство на група осуденици

Давале лажни податоци на раководителите и не преземале никакви дејствија за да се спречи бегство на група од седум осуденици од затворот Идризово – шест затворски полицајци добија кривична пријава под сомнение дека сториле кривично дело „Овозможување бегство на лице лишено од слобода”. Според полицијата, двајца од нив лани во февруари на надлежните не им ја кажале точната бројка на затвореници кои се наоѓале во тој момент во затворот и го прикриле бегството на затворениците.

-Пријавените И.И. и Ј.А. во својство на службени лица-затворски полицајци вработени во КПУ-КПД Идризово на 01.02.2023, додека ги извршувале работните задачи во Отворено одделение, со давање лажни податоци/изјава спрема раководните затворски полицајци, им овозможиле на група осудени лица да бидат надвор од рамките на затворот, спротивно на судски пресуди според кои требало да издржуваат казна затвор во КПУ-КПД Идризово, на начин што при утврдување на бројната состојба на осудени лица во отворено одделение во КПУ-КПД Идризово имало седум отсутни лица од установата, додека И.И. и Ј.А. констатирале дека сите осудени лица биле присутни, за што усно ги известиле командирите , овозможувајќи им  бегство на осудените лица: Ј.Р., И.Ј., Н.Б., С.С., Р.К., И.Р. и Е.С., информираат од МВР и додаваат:

Четворица од нив кои заедно биле на смена не изреагирале и при бегството на еден осуденик кој преку пријавницата избегал од затворот.

Обвинителството за организиран криминал предложи мерки на претпазливост за петмина од полицајците, односно да не го напуштат домот, да се пријавуваат кај надлежен орган, привремено одземање на патна исправа и забрана за контакт со останатите осомничени.

За еден од осомничените истите мерки се определени во друг предмет што се води против него.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка предложи на петмина осомничени да им бидат определени мерки на претпазливост како поблаги мерки за обезбедување присуство и тоа: забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган кој ќе го определи судијата на претходна постапка, како и привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница односно забрана за нејзино издавање, забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со определени лица – осомничените во оваа постапка, како и Забрана за преземање на определени работни активности – затворски полицаец, а кои се поврзани со кривичното дело согласно член 146 ст.1 т.1, 2, 3, 6 и 7 од Законот за кривична постапка. За еден од осомничените истите мерки се определени во друг предмет што се води против него.

За ова кривично дело им се заканува казна затвор од од три месеци до пет години.

Според информации на Сител во моментов околу 200 осуденици се во бегство во сите Казнено поправни установи низ државата – во најголем дел од нив не се вратени од викенд или одмор...Околу 30-тина осуденици кои избеале од затворот Шутка, повторно се вратени.