Македонија
16. May 2022 - 11:40

Корчок: Не постои причина да се одложуваат дополнително преговорите со Скопје и Тирана

Словачкиот министер за надворешни работи, Иван Корчок, бара без одлагање да започнат формално преговорите за членство меѓу ЕУ и Северна Македонија и Албанија, јави дописничката на МИА од Брисел.

Шефот на словачката дипломатија, Корчок пред денешниот министерски совет за надворешни работи на ЕУ, изјави дека една од неговите главни пораки денеска ќе биде дека мора без одлагање да започнат преговорите со Северна Македонија и Албанија, кои чекаат повеќе од две години за одржувањето на првата Меѓувладина конференција, блокирана од Бугарија.

-Не постои причина за дополнително одлагање на почетокот на преговорите, тоа е тоа што земјите го очекуваат, еднаш кога ќе ги исполните важните критериуми, ние мораме да испорачаме и тоа мора да го сториме сега. И, што е поважно, затоа што гледаме други конкуренти на Западен Балкан, така што уште еднаш ова ќе биде најдобар наш сигнал, изјави Корчок.

За словачкиот министер ова е дотолку поважно во контекст на војната во Украина, која тој ја нарече „црно-бел конфликт“, со еден агресор и една жртва.

-Западниот Балкан даде сигнал дека сакаат да бидат дел од нашата заедница, ова е моментот да докажеме каде припаѓаат, додаде Словакот.

Корчок увери дека кандидатскиот статус за Украина на ниеден начин нема негативно да влијае за процесот на проширување за Западниот Балкан.

-Кандидатурата на Украина не значи дека утре ќе станат членки, не станува збор за ослабување на критериумите за членство, туку за израз на морален поттик од наша страна. Поддршката за Украина не е на штета на Западен Балкан, изјави Иван Корчок.