Бизнис
27. November 2023 - 21:21

Колкава заштеда ќе донесе дневната евтина тарифа за домаќинствата?

Заштеда од 1.000 денари ќе донесе враќањето на дневната евтина тарифа за семејствата кои имаат просечна потрошувачка на струја, односно се во првите 2 блока.

Пресметките кои ги направи Електродистрибуција покажуваат дека во зимскиот период просечно едно домаќинство што користи клима или друг уред за затоплување ќе заштеди по 325 киловати месечно само со воведувањето евтина тарифа од 13 до 15 часот.  Во овај период од два часа се трошат околу 13 киловати, каде покрај електрична печка или клима, кои учествуваат со 33% од вкупната потрошувачка на струја, спаѓаат и другите уреди, како шпорети, машини за перење, сушење, за миење садови, чие учество во потрошувачката е околу 15%.

Ако се пресмета во пари, за овие два часа дневно или 25 дена месечно, ако се користат во скапа тарифа домаќинствата би платиле скоро 1,500 денари бидејќи цената на киловат изнесува 4,58 денари, додека пак во евтина, тарифата е 1,4 денари. Пресметките се однесуваат за потрошувачите кои трошат до 630 киловати струја.

Заштедата во третиот и четвртиот блок, каде цените се од 6 до 16,65 денари во скапата тарифа, ќе биде уште поголема. Сепак, во вкупната сметка за струја, покрај потрошената електрична енергија, значителен удел имаат и надоместокот за пренос и дистибуција на струја, како и уличното осветлување. 

Инаку евтината тарифа останува да важи во недела цел ден, како и од 22 до 7 часот останатите денови.

За да се користат бенефитите од дневната евтина струја броилата треба да бидат сменети. Од ЕВН велат дека остануваат уште 600 илјади стари стујомери каде подесувањето треба да се изврши рачно. Тоа ќе го сторат во декември, додека за оние каде немаат пристап – ќе бидат сетирани кога ќе им биде овозможено тоа.