Македонија
3. September 2024 - 16:36

Кој ја компромитира работата на историчарите? Мицкоски и Ѓорѓиев со меѓусебни обвинувања

Владата ниту на денешната седница не го промени составот на историската комисија со Бугарија. Премиерот Мицкоски вели дека за тоа кои ќе бидат нови членови ќе се решава на некоја од следните седници.

За предводникот на македонскиот тим Драги Ѓорѓиев чиј мандат трае уште 10тина дена, Мицкоски нема високи мислење.

Ѓоргиев претходно во изјава за БИРН рече дека премиерот ја компромитира работата и на идниот состав со изјавите дека мешвитата историско – образовна  комсија со Бугарија изминатите години не била заштитник на националните интереси на македонскиот народ. Според Ѓорѓиев покрај тоа што за овие тврдења премиерот нема никакви аргументи, неговата изјава е опасна и испраќа порака дека секој кој не ги брани националните интереси според неговите убедувања, ќе биде етикетиран и ќе сноси последици.

Исто така, изјавата покажува и колку погрешно е сфатена улогата и целта на самата Комисија. Нејзината цел, како и на многуте други такви комисии формирани во Европа, не е да се занимава со решавање на идентитетски прашања, со дебата за историографски прашања, кои со децении се предмет на дискусија или со заштита на националните интереси согласно лични видувања и партиски интереси.

Целта е врз база на научни принципи и достигнувања на современата историографија да се надминат одредени недоразбирања во учебниците по историја и симболично, со заеднички чествувања, да се приближат различните перцепции на одредени историски личности и настани во двете општества, вели Ѓорѓиев.

Предводникот на македонскиот тим веќе потврди дека по 15 септември нема да биде дел од комисијата. Иако завршува мандатот на сите 7 членови, сепак неофицијално Владата има намера да задржи дел од досегашниот состав пред се за да се задржи континуитетот во разговорите со бугарскиот тим.