Бугарскиот амбасадор повикан на разговор во МНР поради пробиениот протокол на средбата Силјановска - Радев
Бугарскиот амбасадор Жељаско Радуков утре треба да се појави на разговор во македонското МНР. Извори на Сител од министерството велат дека ова следува по најавата на претседателката дека ќе реагира за неистакнувањето на македонското знаме за време на средбата на Силјановска со радев и објавените фотографии.
Утре и од кабинетот на претседателката Силјановска Давкова ќе бара објаснување од кабинетот на бугарскиот претседател Румен Радев зоштоо била направена отстапка од договорениот протокол за време на средбата.
Средбата и заедничкиот ручек поминаа во извонредно пријателска атмосфера, од пречекот до крајот. Она што фрли сенка на настанот е отстапувањето од договорениот протокол за средбата, според кој, не требаше да има фотографии во рамките на затворениот простор. Но, за жал, пред почетокот на тет-а-тет средбата, претседателот Радев ја покани претседателката да направат заедничка фотографија пред бугарското знаме, иако ваков потег и чин не беше предвиден, ниту договорен, велат од Вила Водно.
Опозицијата пак реагира дека после посетата на Сиљановска сите граѓани без разлика на партиска припадност се понижени и засрамени.
Со оваа посета на Софија, Сиљановска и ВМРО-ДПМНЕ ја загрозија македонската самобитност и македонски идентитет. За прв пат еден македонски државник се сретнал со друг државник без никакви државни обележја и ова е скандал без преседан. Ова е навреда и омаловажување на државата и нејзините граѓани. Сиљановска и ВМРО-ДПМНЕ иницираа дипломатски скандал со кој допуштија Бугарија да ја понижи и да избрише под со државата и македонските граѓани. Ако ова е тоа што го може македонската дипломатија под водство на Мицкоски и Сиљановска, како тоа ќе преговараат подобри позиции во меѓусебните разговори, реагира СДСМ.
Владејачката ВМРО ДПМНЕ ги повика социјалдемократите да престанат со манипулациите. Тие продадоа сè што можеше да се продаде и сега, од опозиција, лицемерно критикуваат и напаѓаат, стои во партиското соопштение.
Не се потребни лекции од партија која кога беше на власт ја воведе државата во безброј дипломатски кризи и меѓународни понижувања. За разлика од СДС, ВМРО-ДПМНЕ стои цврсто зад националните интереси на Македонија и продолжува да ја води државата кон патот на достоинството и гордоста. Доколку тие имаат некаква желба да бидат конструктивни, нека престанат со клеветите и нека се посветат на реалната поддршка на македонските интереси, велат од ВМРО ДПМНЕ.
Радуков пред една недела ги предаде акредитивите за неговото амбасадорување во Македонија, а беше дел од составот на дипломати кои беа дел од средбата меѓу двајцата претседатели во Софија. Во земјава бил испратен како амбасадор поради заслуги во преговорите за Францускиот предлог и учеството во бугарскиот тим на историската комисија.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар