Какви незаконски работења откриле контролите на Фондот за здравствено осигурување во ЈЗУ
Поранешен менаџер на клиника само за десет месеци земал патни трошоци од околу 500 000 денари без да има налог и сметки за тоа, а бивш економски директор на клиничка болница си ја зголемувал платата незаконски. Според информации на Сител од извршени финансиски контроли на Фондот за здравствено осигурување во јавни здравствени установи, повисоки плати без почитување на колективен договор имало и во еден Центар за јавно здравје. Доктори од неколку клиники и болници каде и немало лежечки пациенти, дежурале и земале плус пари без тоа да биде евиднетирано и со дозвола од Министерството за здравство дека може да има непрекината здравствена дејност. Контролите откриле и злоупотреби во болница каде после дежурство лекари земале по два до три слободни денови без да го исполнат предвиденото работно време. Но имале цела плата и плус додатоци.
За незаконски работења на ЈЗУ, два дена прес конференции има и ВМРО-ДПМНЕ.
Од извршените целосни финансиски контроли во 24 ЈЗУ за 2023 година, кај 19 ЈЗУ се утврдени неправилности во делот на контролата на спроведувањето на постапките за јавни набавки. Лоцирани се неправилности во клиниките за максилофацијална хирургија, за радиологија, за урологија, за нефррологија и за психијатрија, потоа во здравствените домови во Гостивар, во Ресен, во Струга, во Демир Хисар, во Делчево, Велес, Струмица, Пробиштип, како и во Клиничка болница – Тетово, Институт за јавно здравје во Скопје, Општа болница во Струга, Општа болница во Струмица, Општа болница со проширена дејност – Дебар, Центар за јавно здравје во Скопје, Специјализирана болница за ортопедија и трауматологија ,,Св.Еразмо” во Охрид, изјави Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ.
Засега нема реакции на овие прес конференции и дали и кој ќе понесе одговорност за евентуални злоупотреби.
Инаку, и покрај укинувањето на економските директори од здравството, нема одговор дали истите ќе ги вратат службените телефони и комјутери од кои дел ги набавиле при крајот на 2023 година на тендери. Еден од тие поранешни директори има последна генерација на скап мобилен телефон и голем број броеви што ги задолжил.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар