РЕК Битола: Стожерот на македонската енергетика исправен пред бројни предизвици
Македонија и оваа грејна сезона треба да го избере помалото „зло“ и да процени дали е подобро да се увезе струја или јаглен. Стожерот на енергетиката, РЕК Битола, зимава ќе работи со два блока, а еден ќе се чува за резерва по потреба. Планот на ЕСМ е да се зголеми производството на струја со квалитетен јаглен. Идејата е две третини од јагленот да биде од наш ископ, од Брод Гнеотино и Суводол, а остатокот да се увезе, вели директорот на секторот за производство на ЕСМ.
„Во овој момент, ние за жал, мора да рачунаме на увоз затоа што рудниците во РЕК Битола се во многу тешка, незавидна ситуација. До пред два месеца воопшто немаше откривка, сега ситуацијата е сменета, но не е идеална“ - Зоран Коњановски, Директор на Секторот за производство на ЕСМ
Во моментов, на депонијата на РЕК Битола има околу 200.000 тони резерви од јаглен, ни кажаа од Министерството за енергетика
„Дополнителни количини се обезбедуваат и од Грција, согласно договор од март оваа година. Новото раководство на ЕСМ успеа да преговара пониска цена на увозен јаглен, што значително ќе ја намали финансиската тежина и ќе заштеди околу три милиони евра“.
Освен честите ремонти, РЕК Битола се соочува со низа други предизвици. Извештајот на мрежата на невладини еколошки организации „Банквоч“ покажа дека битолскиот комбинат е еден од најголемите загадувачи со сулфур диоксид во цела Европа.
„Ништо не е инвестирано во РЕК Битола, дури нема ни континуирано мерење на емисиите што е законска обврска многу одамна во нашава земја. И тоа што го знаеме како податоци за загадувањето е базирано на пресметки, а не на тоа колку реално загадува електраната“ - Давор Пехчевски, балкански енергетски координатор на „Банквоч“
„Јас потекнувам од Битола. Знам какво е чувството да се живее во Битола, а од друга страна да имаме сознанија дека најголемиот загадувач се наоѓа токму во близина на Битола. Се трудиме до граници кои ги предвидел производителот да се спуштиме со употребата на мазут и со поквалитетен јаглен ние директно придонесуваме до поздрава средина“ - Зоран Коњановски, Директор на Секторот за производство на ЕСМ
Пехчевски вели неопходни се инвестиции, кои според пресметките би чинеле над 200 милиони евра што неминовно ќе влијае и на цената на струјата.
„Треба да се изгради постројка за десулфуризација на јагленот, за да се намалат емисиите на сулфур диоксид, да се постави електростатски филтер за да се намалат емисиите на прашина и да се реконструираат котлите за да се намалат емисиите на азотни оксиди. Имаше некоја проценка пред неколку години дека од 30 до 35% би се качила реалната цена на струјата во нашава земја. Доколку се направат овие инвестиции, ама и други, не само овие“ - Давор Пехчевски, балкански енергетски координатор на „Банквоч“
Електростатските филтри кои можат да отстранат и до 99% од штетните честики се приоритет и на ЕСМ, но според Коњановски, прво треба да се среди сегашната состојба.
„Не може да имаме модернизација без консолидација. Прво да произведеме мегават час повеќе електрична енергија. После тоа парите да ги вложиме кон модернизација“ - Зоран Коњановски, Директор на Секторот за производство на ЕСМ
Модернизацијата е процес за кој освен пари е потребно и време.
„Една постројка за десулфуризација би траело од 3 до 4 години да се стави во функција, од моментот кога се обезбедени финансиски средства, а тоа е дополнителен проблем од каде да се обезбедат тие финансиски средства“ - Давор Пехчевски, балкански енергетски координатор на „Банквоч“
Од министерството за енергетика, пак, велат токму РЕК Битола и неговата обнова се на врвот на листата со задачи.
„Еколошките проекти вклучуваат изградба на топловод до Битола, изградба на когенеративна гасна електрана во РЕК Битола, која ќе обезбеди и електрична и топлинска енергија. Оваа електрана ќе биде основа за енергетската транзиција на РЕК Битола, која ќе обезбеди стабилно и континуирано производство на електрична и топлинска енергија, а токму со тој проект се очекува да започне и енергетската транзиција на комбинатот, постепено заменувајќи го јагленот со природен гас како примарно гориво“.
РЕК Битола брои над 2.300 вработени. Првите киловат-часови струја биле произведени во 1982 година кога со работа почнал еден од трите блока на електраната.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар