Македонија
15. September 2024 - 16:37

Опожарени три автомобили во Расадник во скопска Кисела Вода

Пожар, чад и сирени за добро утро за жителите на Расадник во скопска Кисела Вода. Околу пет часот наутро граѓаните се разбудиле од пукање на стаклата од опожарени автомобили. Мета на подметнувачот бил автомобил на суспендиран полицаец од кумановско, но како колатерална штета се нашле и двата други, паркирани до неговиот.

За среќа нема повредени, а пожарниикарите го локализирале пожарот. Случајот го потврдуваат од полицијата, а властите извршиле увид на местото на настанот.

Според неофицијалните информации на жителите, пожарот го предизвикал малолетник кој носел црна маска.

Ова не е прв случај на палење на автомобили во Расадник. Пред неполни два месеци, имаше уште еден ваков инцидент, токму на истото место каде утрово беа запалени овие автомобили.

Неофицијално, двата случаи се поврзани меѓусебно. Градоначалникот на Кисела Вода вели дека ќе се зголеми полициското присуство во оваа општина.

Пред две недели изгоре голема површина од Расадник, а властите утврдија дека за предизвикување на пожарот се виновни три деца оти фрлале петарди. Кривично од тројцата ќе одговара само еден оти има 14 години, а другите две деца имаат под 14 и согласно законот не подлежат на кривична одговорност.