Кога ќе заврши учебната година, од каде ќе продолжат преговорите меѓу Владата и СОНК?
Дали учебната година ќе заврши до 10 јуни? Една опција е дека тоа ќе се случи, другата е дека наставната година ќе биде продолжена за максимум 5 дена. За евентуалното решение ќе почне да се разговара уште од утре. Министерот за образование Јетон Шаќири попладнево за Сител рече дека утре ќе има состанок со директорот на Бирото за развој на образованието и ќе се разгледуваат сите опции. Досега се реализирани 73% од учебната година. Наставниците ќе треба да проценат дали остатокот ќе можат да го реализираат за еден месец или ќе им треба дополнително време. Тие проценки потоа ќе се сублимираат и ќе се донесе одлука.
Преговорите во процесот на помирување меѓу СОНК и Владата ќе продолжат таму кај што застанаа во понеделникот, потврди министерката за труд Јована Тренчевска за Сител. Вели дека на маса останува последниот предлог 12% поголема плата од јули и К-15 од следната година.
Дали наставниците ќе добијат плата за деновите поминати во штрајк, е уште едно прашање за кое дополнително ќе се разговара и ќе се бара правно решение.
Децата од утре се враќаат на настава по речиси три неделен штрајк. Тој е ставен во мирување согласно член 18 од законот за мирно решавање работни спорови. Од денеска тече рокот од 5 дена за назначување на помирувач во спорот. Тоа лице го назначува МТСП во согланост со двете страни, а е од Регистарот кој се води во министертсвто и има лиценца за таа дејност. Согласно Законот, за 20 – тина дена треба да се види дали СОНК и Владата може да се помират.
-
Наташа Хаџиспиркоска Стефанова
Сите содржини од овој новинар