Ќе се рехабилитираат околу 25 километри од канализациската мрежа во Куманово
Во Куманово денеска беше означен почетокот на проектот „Рехабилитација и проширување на канализациска мрежа во општина Куманово”. Со реализацијата на проектот, вреден 4,3 милиони евра, ќе се решаваат проблемите со собирањето и одведувањето на урбаните отпадни води во општина Куманово.
Со проектoт се очекува да се рехабилитираат околу 25 километри од постоечката канализациона мрежа во Куманово.
Проектот се реализира во рамките на оперативната програма за регионален развој 2007-2013 во рамките на инструментот за претпристапна помош финансиран од ЕУ, а го спроведуваат Министерството за животна средина и просторно планирање и Oпштина Куманово.
На промоцијата се обратија министерот за животна средина и просторно планирање Башким Амети, вицепремиерот за европски прашања Арбр Адеми, амбасадорот на ЕУ во Македонија Самуел Жбогар и градоначалникот на општина Куманово Зоран Дамјановски.
Министерот за животна средина Башким Амети нагласи дека со проектот ќе се зголеми бројот на жители кои ќе се приклучат кон канализациониот систем и на постоечката пречистителна станица, со што ќе се намали негативното влијане врз водните ресурси природата и здравјето на населението.
- Инвестицискиот проект „Рехабилитација и проширување на канализционата мрежа“ опфаќа рехабилитација и замена на идентификувани критични делници во посетоечката канализација во Куманово и проширување и изградба на нова канализација во зони кои во моментов не се покриени со услуги на собирање на отпадните води, рече Амети. Тој објасни дека преку овој проект ќе се решат проблемите на граѓаните, ќе се поврзат одредени населби со колкеторскиот систем и ќе се изгради канализација во одредени реони и населби.
Вицепремиерот Арбр Адеми рече дека проектот е значен за градот и дека долгорочно ќе се решат проблемите со канализационата мрежа.
- Како национален координатор за ИПА би сакал да истакнам дека општата цел на ИПА програмата за секторот за животна средина е да се придонесе кон заштита на животната средина и во таа насока да се реализира нашата приоритетана цел како Влада - подобрување на квалитетот на животот на граѓаните, рече вицепремиерот Адеми.
Преку ИПА 1 потсети вицепремиерот реализирани се или се во тек различни проекти од Секторот за животна средина во вредност од 70. милиони евра и ги потенцираше проектите наменети за Куманово - подготовка на акциона програма за животна средина во вредност од 11 милиони евра, проширување на водоснабдувањето и системот за одводнување Бедиње од 0.5 милиони евра.
Преку ИПА проектот нагласи дека се предвидени средства во вредност од 113 милиони евра. Во тек е постапка, рече за потпишување на првата тригодишна финансиска спогодба со која се отвора врата за нови проекти. За идниот период за регионот го нагласи формирањето на интегрирана и финансиски самоодржлив систем за управување со отпад во источниот и североисточниот регион во вредност од 17 милиони евра, поддршка на формирање на регионален систем за управување со отпадот, затворање на депониите кои не ги исполуваат нормите во североисточниот регион во вредност од 6 милиони евра, поддршка за формирање на регионален систем за управување со отпадот набавка на опрема 3 милиони евра и изградба на пречистителна станица во Липково во вредност од 2 милиони евра. Во планирањето, рече има големи проекти кои ја надминуваат временската рамка, за што во националниот комитет била подготвена поширока секторска листа од 37 инфраструктурни проекти во областа на животна средина и климатски промени.
Евроамбасадорот Жбогар додаде дека ваквите проекти од кои бенефит имаат граѓаните, ја прават ЕУ подопирлива за обичните граѓани. За овој проект ЕУ додели 3 милиони евра за подобрување на инфраструктурата за собирање на отпадните води, додавајќи дека околу 20 километри од мрежата ќе бидат рехабилитирани.
- Отпадните води на вистински начин ќе бидат пренесени во постоечката пречистителна станица. Нови домаќинства ќе бидат приклучени кон канализационата мрежа, рече евроамбасадорот Жбогар. Проектот додаде ќе ги подобри условите за животната средина, јавното здравје, и дека се намалува ризикот од урбано поплавување и ги намалува штетите на јавната и приватната сопственост при поројни дождови. Куманово, рече тој, е дел од друг проект со менаџирање на водата и додаде дека помагаат на комуналното претпријатие да ги зголеми нивото на услугите на граѓаните. Евроамбасадорот рече дека имплементацијата на овие проекти бара посветеност од сите чинители, и потенцира дека животната средина останува врвен приоритет на ЕУ.
Градоначалникот на општина Куманово потсети дека пред 15 години во Куманово се реализираше проект со ЕУ-прочистителна станица за отпадни води, рехабилитација на примарните системи, примарните и секундарни колектори и водоснабдување односно подобрување на водоснабдителниот систем.
- Ваков проект од фундаментално значење кој го рехабилитира, изградува системот за одводнување на некаде 12% од вкупната канализациона мрежа. Тоа е нешто што Куманово го бара и е потребно за зачувување на животната средина што е врвен приоритет на европската заедница. Куманово после ова ќе започне со изградба на патната инфраструктура и ќе дојдеме до едно помодерно, урбано и просперитетно Куманово, рече Дамјановски.
Ново на Сител
-
Ќе останат ли без фактори за коагулација лицата со хемофилија?
-
Предложената концепција за гимназиско е на штета на учениците и наставниот кадар
-
Наместо ТOЕФЛ, за јавни функции ќе важи и Б2 сертификат за познавање странски јазици
-
Трошок за еден пензионер го покриваат речиси двајца вработени, над 200 лица во ПИОМ земале плата, а не оделе на работа
-
Македонец меѓу екстремистите од терористичката ќелија која планирала напад врз цивили
-
Оставка на српскиот премиер
-
Таравари: До крајот на неделата ќе има лекови на онкологија
-
Мицкоски: Злоупотребувале државни ресурси за да ме следат