Македонија
14. July 2016 - 11:55

Керим на средби во Египет, дел од консултациите со земјите членки на Советот за безбедност (КРГ)

Македонскиот кандидат за Генерален секретар на Обединетите нации Срѓан Керим во изминатите два дена престојуваше во работна посета на Каиро, на покана на министерот за надворешни работи на Египет и во рамки на планираните консултации со земјите-членки на Советот за безбедност, соопшти неговиот кабинет.

При посетата, како што се наведува, Керим се сретнал со заменик министерот за надворешни работи Хамди Лоза, во отсуство на министерот Самех Шукри, како и со Генералниот секретар на Арапската Лига, амбасадорот Ахмет Абулгејт.

- Се разговараше за процесот на избор на Генерален секретар на ООН, како и приоритетите содржани во програмата на д-р Керим која беше изложена пред Советот за безбедност и Генералното Собрание на ООН, се посочува во соопштението.

Во текот на овој месец под претседателство на Јапонија, во Советот за безбедност на ОН се предвидени два круга гласање и тоа на 21 и 27 јули.

Со оваа посета на Египет, заокружен е процесот на консултации со сите 15 земји-членки на Советот за безбедност, во функција на добивање поддршка за кандидатурата на Керим.