Македонија
3. January 2021 - 19:53

Какви последици останаа од пожарот во Глобал?

61 пожарникар со 18 возила околу пет часа го гаснеа пожарот што избувна синоќа во трговскиот центар Глобал  во Струмица. На пожарникарите од Струмица им помагаа и нивни колеги од Радовиш, Штип, Кавадарци, Валандово и Ново Село. Според првичните информации целосно се изгорени околу дваесетина дуќани и голем број на тезги во затворениот градски пазар. Најмногу опожарени објекти има на приземјето од каде што најверојатно започнал пожарот по што се проширил и на дел од горните катови.

Интервенцијата на пожарникарите траеше до раните утрински часови,  но екипи на противпожарната единица и денеска дежураат на објектот. Скоро цел ден присутни се и сопствениците на изгорените дуќани. Не сакаа многу да коментираат, но велат штетите се огромни.

Опожарениот објект го посетија и премиерот Зоран Заев и градоначалникот на Струмица Коста Јаневски.  Премиерот вети дека уште од утре започнува голема акција на солидарност и расчистување.

Причините поради кои настанал пожарот за сега не се познати. Според најавите инспекторите утре ќе го започнат увидот по кој ќе се добијат и  одговорите на прашањата како дошло до опожарување на објектот.