Македонија
13. July 2024 - 16:52

Како настанале модринките на раката на тримесечно бебе - медицинска сестра од детска ќе дава исказ во понеделник

Во тек е формирање на стручна комисија со членови од Клиниката за детски болести која треба да утврди дали медицинска сестра го повредила тримесечното бебе од Сарај, како што тврди семејството. Овој случај беше обелоденет вчера по што министерот Арбен Таравари и директорот на Детска ја посетиле фамилијата за лично да видат какви се модринките на раката. Уште пред да замине за Сарај, Таравари на социјалните мрежи напиша дека медицинската сестра ќе биде веднаш отпуштена ако е вистина тоа што го зборуваат родителите. Министерот и директорот не контактирале со сестрата за да ја слушнат и втората страна и ќе го чекаат нејзиниот исказ во понеделник.

-Дали зборувавте со медицинската сестра и дали таа овој период оди на работа?

Да, во понеделник ќе добиеме и исказ од медицинската сестра, пред Комисијата. Таа синоќа била дежурна, секако ќе ја слушнеме и нејзината страна, вели Реџеп Мемеди, директор на Клиника за детски болести. 

Бебето е со модринки по рака и родителите по инцидентот за кој тврдат, го напуштиле одделот за Имунологија порано од што барала лекарката која сакала и некои дополнителни анализи, вели директорот на Клиниката. Мемеди  појаснува дека, по кажувањата на мајката,  тоа се случило кога бебето било однесено во просторија за земање на крв каде нема пристап за родители и дека таа веднаш пријавила кај докторката.

-Меѓутоа, докторката не верувала дека имало намера во такво нешто, но родителите тврдат дека е намерно нанесено, бидејќи во недела имало вербален судир и по тврдењата на родителите, медицинската сестра изнесувала навреди кон родителите, вели Мемеди. 

Од објавените снимки се згрозени сите и по социјалните мрежи има бројни коментари дека мора да има одговорност ако здравствен работник нанел физички повреди на бебе. Но тоа треба да го констатира Комисијата која во понеделник ќе ја слушне и страната на медицинската сетра, која работи на Клиниката повеќе од 15 години и како што изјави директорот досега немало поплаки за нејзината работа. 

Бебето е дома со семејството а случајот е пријавен во МВР.