Македонија
9. August 2024 - 16:32

Јаневска се извини – По изборните предмети за „Јазик и култура на заедниците“ се повторувал материјалот

По бурните реакции, министерката за образование се извини за вчерашната изјава дека учениците странски јазик треба да учат од ТВ серии зашто не им треба граматика. 

Појаснува дека учебниците по изборните предмети за Јазик и култура на заедниците биле лоши и не добиле одобрение од Бирото за развој на образованието. Децата, според овие учебници, требало повторно да ги учат дефинициите кои се изучуваат и по мајчин јазик. 

- Длабоко да се извинам за мојата лошо срочена изјава вчера. На пример, во понудените учебници се повторува материјал кои децата ги учат во својот сопствен мајчин јазик. На пример, дефиниција за именка, заменка, предлог, она што го учат во мајчиниот јазик. Кога се изучуваат јазиците на заедниците треба да се фокусираме на комуникативниот јазик, вели министерката Весна Јаневска. 

Од 1 септември учениците нема да имаат учебници по странски јазици. Проблемот, според Јаневска, е што постојано пропаѓал тендерот. МОН ќе мора да почека прво да заврши постапката која сега е во тек, па дури потоа ќе се бара решение за идната учебна година.

- Тој тендер е многу пати поништуван. И заради тоа поништување има многу приговори. Но, сеедно, последниот тендер кој е објавен повторно фирми приговараат дека нешто во тој тендер не е во ред. Се додека не заврши таа постапка на жалби јас не можам да објавам нов тендер, вели Јаневска.

Опозицијата реагираше бурно. За СДСМ е скандалозно децата странски јазик да изучуваат од ТВ серии.

- Тажно е што ДПМНЕ постави министерка за образование, која внимавајте, смета дека било важно децата само да разбираат странски јазик, а не да учат граматика, заменки и именки, вели пратеничката од СДСМ Даниела Николова.

Ниту средношколците од средните училишта нема да имаат комплетен број на материјали. Во тек е печатењето на учебниците за прва година и одобрените за втора година. Сите останати ќе се печатат во од... односно откако ќе добијат одобрение од Бирото за развој на образованието.