Игротеките и училиштата ризик за ширење на заразни заболувања помеѓу децата
Враќањето во училишните клупи и дружењето во игротеки се ризик за ширење на респираторни заболувања помеѓу децата периодов. Според педијатарот Драгана Емел Маркоска поради нискиот опфат со вакцинација посебно во урбаните средини, ни се заканува нова епидемија на морбили откако веќе беше потврден случај во скопско, а не стивнува ниту големата кашлица.
- Дека веројатно ќе имаме епидемија на морбили, за жал ќе имаме. Се уште стапката на вакцинација ни е многу ниска и не знам дали ќе ни се подигне во наредните години повеќе и повеќе, а Црната кашлица не запре, морам да бидам искрена можеби инциденцата на заболување се намали, меѓутоа во континуитет имаме црна кашлица, изјави д-р Драгана Емел Маркоска, педијатар.
Педијатарот советува училиштата да ја зголемат хигиената, почесто да ги проветруваат просториите и барем два пати во денот да ги пребришуваат клупите со средства за дезинфекција, а родителите да бидат повнимателни и да избегнуваат дружење на нивните деца во игротеки периодов.
- Треба да внимаваме и ние како родители, кога ќе ни кашлаат децата да не ги пуштаме во училиште, тоа е малку тешко да го правиме секогаш кога ќе прокашла детето, зошто тоа би предизвикало отсуство од работа и ќе има реперкусии врз работниот век на родителот. Меѓутоа сепак да внимаваат, да се започне со витамино-терапија која летово малку ја одморивме. Да се внимава на здравиот начин на исхрана, проветрување на просториите, вели педијатарот д-р Драгана Емел Маркоска.
Инаку токму и периодов во ординациите на матичните педијатри најголем дел од децата кои доаѓале на преглед биле со респираторни симптоми, за разлика од летото кога доминираа стомачните вируси.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар